Во јужнокорејската серија „Игра со лигњи“ („Squid Game“), брутална драма за преживување која го полуде целиот свет, се појавуваат некои од најголемите ѕвезди таму, а приказната следи 456 натпреварувачи, во длабоки долгови, кои се согласуваат да поминат низ неколку навидум обични детски игри за да дојдат до огромна сума пари. Кога ќе дознаат дека елиминирањето од играта значи смрт, сфаќаат дека се впуштиле во нешто прилично застрашувачко.

Меѓутоа, „Squid Game“ индиректно се осврна на проблемот што е рак рана на јужнокорејското општество – долговите и постојаната борба за нивна отплата. Серијата погоди директно во „нервите“ дома, каде што има зголемено незадоволство поради се поголемиот личен долг, распаѓањето на пазарите на работни места и сериозни нееднаквости во приходите, влошени од финансиските кризи во изминатите две децении.

„Постои несовпаѓање помеѓу корејската гордост што серијата доминира на Нетфликс и вознемиреноста поради нештата што се откриваат за таа земја. Корејците сакаат да бидат први, но не по цена да се откријат валканите алишта“, вели Седарбу Саеџи од одделот за Источноазиски студии на Универзитетот во Бусан.

Сепак, серијата е секако многу популарна и во Јужна Кореја.

„Иако сум млада, лесно можам да се идентификувам со тешката реалност на многу конкурентното општество“, вели една студентка од Сеул.

Суровата конкурентност може да биде причината зошто Јужна Кореја е толку успешна. Периодот на брза индустријализација што започна во 60 -тите ја претвори во десетта најсилна економија во светот. Изградбата на државата по Корејската војна беше спектакуларна, од појавата на Самсунг како глобален технолошки гигант до неверојатната популарност на К-поп и филмовите кои што беа прифатени од публиката и надвор од Азија. Од друга страна, милиони граѓани сега се соочуваат со темната страна на тој економски раст.

Како и во многу други земји, универзитетската диплома и работата на „бели јаки“ не гарантираат финансиска сигурност како некогаш. Многу Корејци мора да позајмуваат поради тоа. Поради ниските каматни стапки, долговите на домаќинствата се зголемуваат во последните години (кои вклучуваат потрошувачки кредити и станбени кредити), а сега се еднакви на годишниот БДП на земјата. За споредба, во Соединетите држави, вкупниот долг на домаќинствата изнесува 80 проценти од БДП.

Граѓаните натрупуваат долгови бидејќи користат кредитни картички, поради невработеност или загуби од коцкање, меѓутоа, голем број од нив се уште се врзани за недвижен имот. Цените на куќите рапидно растат, особено за време на претседателот Мун Џае-ин, а просечната цена на стан во Сеул е околу 1 милион долари. Многу млади позајмуваат пари за да инвестираат во криптовалути.

Првично, Корејците започнуваат да позајмуваат од легитимни финансиски институции како што се банките, а потоа преминуваат на други заемодавачи кои бараат повисоки каматни стапки. Во најлош случај, тие се свртуваат кон лихварите кои можат да наплатат камата во трицифрени проценти, а потоа може да се најдат во ситуација од која е тешко да се излезе. Според некои проценки, околу 400.000 Корејци им должат пари на лихвари.

„Кога ќе ги погледнете ликовите во серијата ‘Игра со лигњи’, тие претставуваат дел од Кореја што е во најлоша можна ситуација поради долгови“, вели Ку Се-вонг, аналитичар на корејската култура што живее во Германија.

Како што рече, бил шокиран кога еден пријател му рекол дека живее од плата до плата, и покрај добрата работа. Тешко му е да си дозволи стан, автомобил и повремен одмор со сопругата и децата, поточно, живот на средната класа. „Се се плаќа со заеми. Едноставно немаме пари“, му рекол пријателот.

Во Јужна Кореја, банкротот не се гледа како шанса да се започне одново, туку како катастрофална судбина, што е нагласено во споменатата серија. На натпреварувачите во серијата им се нуди опција да ја напуштат суровата игра, но тие одлучуваат да останат дури и ако ги ризикуваат своите животи.

„Во реалниот свет, не се работи само за смртта на нивното тело, туку и за гордоста. Срамота е да се биде толку неуспешен пред своето семејство “, рече Јунг Дан, аналитичарка за безбедност од Сеул.

Домаќинката од Сеул, Марги Ким, вели дека ја гледала серијата со своето семејство. Иако вели дека визуелно многу и се допаднала, рече дека се важни и основните пораки. „Ја чувствувам болката низ која поминува нашето општество. Повеќето обични луѓе, средната класа, живеат во големи долгови. Целосно сочувствувам со ликовите што се согласија да учествуваат во игрите во серијата“, рече таа.

Ли Чанг-кеун, исто така, многу лично ја доживеа „Игра со лигњи“. Тој можеше да се идентификува со главниот лик, отпуштен работник во фабрика за автомобили, кој се бори со распаднато семејство, финансиски проблеми и коцкање. На многумина им е тешко да поверуваат дека во Јужна Кореја, која се смета за една од најмоќните азиски економии, се живее тешко.

„Некои сцени се многу мачни за гледање“, рече Ли, и самиот работник во автомобилската индустрија, кој се бореше со проблеми со парите и депресијата кога беше отпуштен од Санџонг заедно со 2.600 колеги во 2009 година. Стотици работници, вклучително и Ли, ја окупираа фабриката со недели во знак на протест против отпуштањата, а потоа беа растерани од полицијата која ги нападна со палки, водени топови и солзавец фрлен од хеликоптер. Десетици работници беа повредени и тоа е една од темите што беа вклучени и во серијата.

По неколку години судење и владина интервенција, Ли се врати на работа со стотици работници. Меѓутоа, во меѓувреме голем број од нив си го одзеле животот.

„Во серијата, ликовите се борат да преживеат откако добиле отказ, не можат да водат бизнис или да работат како „даери“ – возачи кои возат пијани луѓе дома со нивните автомобили. Тоа ме потсети на моите колеги кои починаа“, рече Ли.

Тој додаде дека се мачел со многу колеги да најде работа, а други автомобилски компании ги ставиле на црната листа бидејќи биле означени како милитантни работнички активисти. Протагонистот Сеонг се соочува со последиците од отказот од фиктивната компанија „Драгон Моторс“, што е „омаж“ за „Санџонг“ чие име значи „двоен змеј“.

Во извештајот од 2016 година на медицински истражувачи на Корејскиот универзитет беше откриено дека најмалку 28 отпуштени работници од Санџонг, или нивни роднини, си го одзеле животот или имале сериозни здравствени проблеми, вклучително и оние поврзани со синдром на посттрауматско стресно нарушување.

„Игра со лигњи“ е една од многуте јужнокорејски серии инспирирани од економски проблеми. Се појавуваат голем број ликови кои прикажуваат во каков тежок живот живеат. Од Али Абдул, нерегистриран работник од Пакистан, до Канг Сае-бјеок, девојка која пребегала од Северна Кореја и која преживува со џебни кражби. Економските проблеми во Јужна Кореја, исто така, доведоа до рекорден пад на наталитетот.

Друг поранешен работник во Сангџонг вели дека немал сила да ја гледа серијата по првата епизода. „Беше премногу трауматично за мене“, рече тој.