Во време кога во глобални рамки е потребно натамошно унапредување на финансиската вклученост и финансиските познавања на населението, исклучително важно е што Народната банка презема големи чекори во оваа сфера. Особено важен чекор е и усвојувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, со што земјата се издвојува меѓу првите од регионот коишто имаат стратегиска подготвеност за координиран пристап и подготвено ги пречекуваат предизвиците што се отвораат со новите можности за дигитална финансиска вклученост. Новите времиња и дигитализацијата носат нови можности за поголема финансиска инклузија, како и нови предизвици за повисок степен на финансиска едукација и клучно е што во земјата веќе има подготвеност за искористување на овие можности.

Ова беше истакнато на работната средба меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на една од водечките меѓународни организации за финансиска инклузија, Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), д-р Алфред Ханиг.

На средбата се нагласи дека е потребно постојано да се јакнат механизмите со коишто свеста за важноста на финансиската едукација постојано ќе се одржува на високо ниво, со вклучување на сите заинтересирани институции, како и со проактивна улога на граѓанскиот сектор – сите  коишто можат да понудат образовни програми за населението. Оттука, како што беше посочено, важно е што со усвојувањето на Стратегијата, македонската економија би била една од првите во регионот коишто јасно ја дефинираат својата определба за овој приоритет.

Ангеловска-Бежоска и Ханиг ги анализираа и резултатите од истражувањето на нивото на финансиската писменост на возрасното население во нашата земја. Податоците укажуваат на различно ниво на финансиска писменост кај различните групи население. Затоа, активностите за финансиската едукација треба да се приспособат кон спецификите на различните целни групи. Во доменот на финансиската вклученост, се посочи на потребата од активности за поддршка и поттикнување на финансиските иновации, заради натамошен развој на финансискиот сектор и услугите, што ќе придонесе не само за економскиот развој, туку и за подобри услови за граѓаните.

Извршниот директор на АФИ посочи и дека АФИ активно работи на засилување на придобивките коишто ги имаат членките во Алијансата во доменот на финансиската едукација. Во тој контекст, беше истакнато поставувањето на новата платформа за размена на искуства помеѓу развиените и земјите во развој во доменот на усогласување и приспособување на регулативата заради создавање услови за инклузивни финтек-екосистеми, поттикнување на дигиталната финансиска писменост, подобро разбирање на аспектите на кибербезбедноста и заштитата на податоците.

АФИ е асоцијација на централни банки членки и финансиски регулатори со заедничка цел да се унапреди финансиската вклученост на државно, регионално и меѓународно ниво. Работната посета на извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг, на Народната банка е потврда дека чекорите коишто ги презема Народната банка во сферата на финансиската едукација и инклузија веќе се препознаваат и се вреднуваат во меѓународни рамки, како заложби коишто би дале конкретни резултати за доброто на економијата и граѓаните.