Просечна плата на ниво на државата од 31.403 денари за мај измери Државниот завод за статистика. Оваа плата е малку пониска од априлската и многу повисока од мајската во 2021 година, но на граѓаните им е сосема небитно тоа. Меѓу 70 и 80 проценти од вработените се сомневаат во математиката на статистичарите, зашто нивните месечни примања се под прикажаниот просек.

Време е да се сменат пресметките и да почне да се одредува средна наместо просечна плата, подолг период посочуваат експертите. Ова станува особено актуелно последниве години,  кога просекот енормно го качи брзиот раст на платите на компјутерските програмери.

– По експлозивниот раст на платите на програмерите, платите на повеќе од 70 проценти на вработените се пониски од просечната. Просечната плата не кажува многу, иако е параметар за други пресметки, на пример за платите во јавниот сектор. Ова е особено актуелно кога има крупни раслојувања во општеството и по линија на класи и струки. Некои имаат двапати повисоки плати од просечната, а некои само половина од неа. Исто така, ако во текстилната индустрија просечната плата е 18.00 денари, тоа не значи дека вработените ја земаат таа плата, туку во пресметката влегува и платата на работодавците, која е многу повисока – вели за весникот ВЕЧЕР професорот Здравко Савески.

Тој смета дека во едно општество во кое има големи класни разлики би требало да се утврдува средна, а не просечна плата.

– Граѓаните гледаат колкава е просечната плата, а никој не ја зема. Тие немаат прецизна перцепција што е просечна плата. Таа е ориентација за некои работи, но мора да се менува перцепцијата за платите кај граѓаните – посочува Савески.

Просечната плата од над 300 евра и нејзиниот раст за десетина проценти останува само за  фалбите на политичарите, кои велат дека ја исполниле својата цел. Но и тие што ја земаат таа плата, не можат да се пофалат дека може многу да платат со неа. Според Државниот завод за статистика, просечната нето-плата по вработен овој мај, како бројка, е за високи 9,4 проценти поголема од ланската, но реално е помала за 2,3 проценти. И Савески нагласува дека во услови на инфлација, особено како сегашната, податоците за пораст на просечната плата сами по себе стануваат не многу релевантни.

– Мора да се има предвид дали порастот на просечната плата е помал или поголем од инфлацијата. Ако е помал, значи дека се намалила. Овој проблем на политичко врамување на статистичките податоци опстојуваше во услови кога 30 години немавме инфлација. Сега овие податоци, како и податоците за БДП, треба да се споредуваат со порастот на инфлацијата. Ако растот е помал од инфлацијата, тогаш имаме пад на БДП – вели тој.

Највисоките плати во државата и понатаму се делат во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, каде што просекот изнесува, за македонски услови, фантастични 80.804 денари. Според просечната плата, на второто место се вработените во фармацевтскиот сектор. Таму просекот е 50.529 денари. На третото место се вработените во секторот останати стручни, научни и технички дејности со 49.264 денари, а зад нив се вработените во управувачките дејности, советување во врска со управување, со просек од 47.309 денари. Најнизок е просекот во заштитните и истражувачките дејности, каде што е еднаков на минималната плата – само 18.000 денари. Освен тоа, речиси четири пати помала од највисоката е просечната плата во дејностите поврзани со одржување згради, вработување, угостителство.

Средната плата, која според експертите би дала појасна слика за нашиот стандард, се пресметува подеднакво лесно како и просечната. Кај неа се земаат предвид и висината на платите, но и процентот на вработените, односно кој колкави плати зема. Притоа, се одредува 50. процент, како точка под и над која се зема одредена висина на плати.