Минимална плата од 1 јануари да биде 18.000 денари, доколку не се случи тоа синдикатите ќе излезат на штрајк. Сојузот на синдикатите до парламентот и Министерството за труд го достави предлогот за донесување на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој бара од јануари следната година, минималната плата во бруто износ да изнесува 26.476 денари или 18.000 денари – нето, односно висината на минималната плата да не биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци.

Од ССМ чекаат да видат што ќе се случи во следниот период за да го изразат своето задоволство или незадоволство, кое ги вклучуваме сите мерки на синдикална активност вклучувајќи го и правото на организирање на генерален штрајк.

-Предлагаме платите на сите работници да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници, велат од ССМ.

Оттаму тврдат дека покачувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес, немало негативен ефект врз фирмите и државата. Тоа не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати. Довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците.

-Минималната плата спречува работниците да добиваат многу ниска плата и да живеат во сиромаштија, а очекувањата на работниците од пратениците се да работат во интерес на оние кои што ги бираат, а Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи со подготовките преку штрајкувачките одбори и во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, а доколку нема резултат ССМ ќе повика на Генерален Штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, се вели во соопштението од ССМ.

Од Синдикатот ги повикаа парламентарните групи од власта и од опозицијата, како и Министерството за труд и социјална политика, во најбрз можен рок да го усвојат законот. Велат дека бараат помош за работниците и граѓаните, заради сите случувања во државата, економска, енергетска криза….

Според информациите од Собранието, во планот на власта за временската рамка за овој закон е да важи од април, додека за недела неработен ден најавуваат гласање уште идната недела.