Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до координаторите на пратеничките групи достави отворено писмо со предлог барање сите пратеници едногласно да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард.

-Очекуваме, сите пратеници едногласно да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард особено во време на инфлација која е на највисоко ниво во изминатите 25 години. Ве повикуваме сите заедно да застанете во одбрана на достоинството во животот на работниците. Загрижува фактот што Владата има предвидено незначителни средства за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и тоа само за оние категории за кои со порастот на минималната плата идната година, нивните плати ќе останат под неа, а во истиот нема предвидено скоро никакви средства за исплата на надоместици и додатоци на плата утврдени со закон и колективните договори, се вели во писмото од ССМ.

Како Сојуз на синдикатите на Македонија во кој членуваат 70.000 работници  и како  единствен репрезентативен претставник на работниците во јавниот сектор, се додава во писмото, изненадени сме што предлагачот на Буџетот за 2023 година, Владата преку Министерството за финансии нема предвидено средства за усогласување на платите со порастот на минималната плата, ниту пак средства за ублажување на инфлацискиот шок како што тоа го прават европските држави, оние европски држави каде што нашите работници забрзано се иселуваат поради ваквите лоши владини политики.

-Сметаме дека сите пратеници треба да го следат примерот на најголемиот синдикалец помеѓу министрите во Владата, министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој на почетокот беше најголем противник за зголемување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата и против линеарното зголемување на платите за 2806 денари колку што бараа работниците и кој беше една од главните причини за организирање на генерален штрајк во јавниот сектор кој се уште трае во јавниот сектор, за подоцна преку закон, да издејствува, а вие да изгласате зголемување на платата на вработените во Министерството за финансии за 30 отсто. Тоа е чин за поздравување кој сметаме дека треба да го следите при донесување на Буџетот за 2023 година и на тој начин да им излезете во пресрет на вашите гласачи односно на вработените во јавниот сектор полесно да се справат со високата инфлација која во споредба со минатата година изнесува огромни 19,8 отсто според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, а Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ  за преживување на едно четиричлено семејно домаќинство изнесува 51.514,00 денари за месец октомври или од истата само за исхрана и пијалаци се потребни 19.421,00 денар кои ниту минималната плата не ги покрива веќе во целост, се вели во писмото од ССМ.