Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информира дека последните податоци од синдикалната минимална кошница покажуваат дека во август на едно четиричлено семејнство кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил само за овозможување на основните продукти за живот му биле потребни 41.295 денари, а кога истата ќе се зголеми за 16.8 отсто инфлација или 6.937 изнесува 48.234 денари.

Од ССМ информираат дека во пресметката не е ставен трошокот за еден ученик за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година, кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6.000 денари.

– Според податоците, само за храна и пијалоци во која се вклучени 63 производи, кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, а вредноста на истите не се зема како просечна, туку како минимална вредност, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата, пишува на фејсбук – профилот на ССМ.

Домувањето има две подгрупи, велат од ССМ, комунални трошоци, со пет елементи, и покуќнина, опрема за куќа и одржување, што ќе се следи преку 13 добра и за овозможување на истото биле потребни 12.493 денари.

Според ССМ и хигиената има две подгрупи – личната хигиена со седум производи и хигиената на домот, исто со седум производи. Овие ставки се искажани по минимум количини по најниски цени и за истото биле потребни 2.808 денари.

– За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски и се потребни 3.600 денари. Во авуст, 2.197 денари биле потребни за облеката и обувките вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони, потенцираат од ССМ.

Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник и биле потребни 1.067 денари.

За одржување на здравјето со вклучени основни трошоци за лекарства (парацетамол, аналгин, кафетин и сл.), без лекарствата за хроничните болести биле потребни 786 денари.

Од друга страна, како што посочуваат од ССМ, трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не се вклучени, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, па доколку се пресметуваат и овие трошоци вредноста на истата би била многу повисока.

– Ако овие податоци не се доволни за некој од креаторите на политиките веднаш да преземе мерки за помош и поддршка на работниците во овие моменти, гладни и сиромашни работници = социјалната револуција, потенцираат од Сојузот на синдикатите.