Со околу девет илјади долари бруто домашен производ по глава на жител, долг пат ја чека Македонија ако сака стандардот на граѓаните да се доближи до тој на Европската унија. Македонските граѓани се за околу 15 илјади долари посиромашни од најсиромашните во ЕУ, тоа се Бугарите и околу 26 до 27 илјади посиромашни од просекот на Унијата чиј бруто домашен производ изнесува 36 – 37 илјади долари по глава на жител.
Од Светската Банка велат дека ако сакаме да го дуплираме богатството на населението, ќе мора да имаме фантастични стапки на раст на бруто домашниот производ.
„Зависи сепак од стапката на раст. Ако е многу голема стапката на раст, на пример 10 проценти, тогаш се удвојува бруто домашниот производ за седум години, така што од сегашните 8 – 9 илјади може да се достигне до 17 илјади, а до 10 илјади може да се постигне за многу пократок период и сето тоа зависи од тоа колкава ќе биде стапката на раст. “, вели Иваило Изворски.