Одлуката на ЕУ за обезбедување макрофинансиска помош за Северна Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина, стапи во сила, откако денеска официјално е објавена во Службениот весник на Европската Унија.

Одлуката што Советот за општи работи (ГАК) на Унијата едногласно ја одобри на минатиот понеделник, е потпишана од претседателката на Европскиот прламент, Роберта Мецола и од шпанскиот државен секретар за Европската Унија, Паскал Наваро Риос, во името на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ја одобри Одлуката на своето заседание во Брисле минатиот понеделник со 27 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“. Одлуката, што беше усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а на 5 јули и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР).

Во Одлуката се посочува дека економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби.

– Владата на Северна Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото, се наведува во документот.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Еврокомисијата посочува дека земјава успешно ја операционализираше макрофинансиска помош насочена за надминување на последиците од ковид пандемијата, спроведувајќи ги „сите реформски активности договорени со Унијата во Меморандумот за разбирање“.

Дополнително, се наведува во Одлуката, лани во април земјата постигна договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за 24-месечна програма за ликвидност до 530 милиони евра, што беше официјално одобрена од Извршниот одбор од ММФ на 22 ноември 2022 година, за ублажување на последиците од надворешните влијанија, за поддршка на фискалната консолидација и забрзување на структурните реформи во повеќе области, вклучително и во даночната политика и јавните инвестиции.

– Со оглед на влошената економска ситуација и изгледите, Северна Македонија првпат побара макрофинансиска помош од Унијата за дополнување на програмата на ММФ во април 2022 година. Сепак, Комисијата го стави тоа барање во мирување, бидејќи економијата на земјата во тоа време се уште се покажуваше доста отпорна и имаше некои други опции за финансирање. Владата на Северна Македонија го обнови своето барање за макрофинансиска помош во октомври 2022 година, се додава во Одлуката.

Имајќи предвид дека земјава е кандидат за членство и ги започна пристапните преговори, ЕК смета дека таа има право да добие макрофинансиска помош од Унијата како „исклучителен финансиски инструмент за поддршка на платниот биланс, кој има за цел да одговори на непосредните потреби за надворешно финансирање“ и за спроведувањето на мерките за итно прилагодување и структурни реформи за подобрување позицијата на платниот биланс на краток рок.

– Во сегашните исклучителни околности макрофинансиската помош на Унијата за Северна Македонија ќе биде соодветен одговор на барањето на земјата за поддршка за стабилизирање на нејзината економија. Макрофинансиската помош на Унијата ќе ја поддржи економската стабилизација и агендата за структурни реформи на Северна Македонија, дополнувајќи ги ресурсите ставени на располагање според финансискиот аранжман на ММФ. Макрофинансиската помош на Унијата треба да има за цел да го поддржи обновувањето на одржливата ситуација со надворешното финансирање на Северна Македонија, а со тоа и да го поддржи нејзиниот економски и социјален развој, заклучува Комисијата.

Во документот натаму се посочува дека утврдувањето на износот на макрофинансиската помош на Унијата за земјава треба да се заснова на квантитативна проценка на преостанатите потреби за надворешно финансирање и да го земе предвид капацитетот на земјата да се финансира со сопствени ресурси, особено со девизните резерви со кои располага.