Агенцијата за стокови резерви ќе откупува домашна пченица. Планираните 15.000 тони според одлуката на владата треба да бидат поделени на пет лотови од по 3.000 тони. Ова беше барање на Потсекторската група за жито. Се зголемуваат и субвенциите за пченицата и за јачменот…

Агенцијата за стокови резерви, планираната јавна набавка на 15.000 тони пченица, наместо во еден, треба да ја подели во пет лотови од по 3.000 тони, давајќи предност на домашната пченица.

Ова е барање на Потсекторската група за жито кое Владата го прифати.

За поддршка за производителите на јачмен и пченица министерството за земјоделство предлага и две нови мерки.

Исплата на дополнителни три денари поддршка преку Интервентната програма за продаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во периодот до 31-ви август годинава.

Истовремено преку измена на Уредбата за директни плаќања, за јачменот се планира креирање мерка на дополнителна субвенција за производство во вредност од 12.000 денари за хектар, без скалесто субвенционирање.

Парите се за производителите, кои оствариле минимален принос од 3.000 килограми по хектар и кои своето производство го имаат продадено кај регистрирани откупувачи или складирано во регистрирани објекти и продадено на домашни фарми, или искористено во сопствените фарми во периодот до 31 август 2023 година.