Во текот на првиот квартал од 2018 година Стопанска банка АД Скопје оствари финансиски резултат во износ од 1.051.037.000 денари (околу 17 милиони евра), што преставува зголемување за 57,1% повеќе споредено со истиот период од 2017 година, соопшти банката преку Македонската берза. 

„Зголемениот резултат се должи пред се на успешното редовно работење како и на ефектот од решениот статус на должникот Фени Кавадарци, кој во текот на 2017 година се соочи со влошување на состојбите, поради што СБ имаше потреба од издвојување на исправка на вредност.

 

 

За разрешување на статусот на должникот СБ склучи договор за продажба на своите побарувања, кој се реалзираше во текот на март по што се изврши и ослободување на извршената исправка во 2017 година до крајот на март 2018 година, која се евидентираше и е прикажана во овие објавени финансиски резултати“, соопшти банката.

Нето приходите од камати изнесуваат 960.060.000 денари, односно се зголемени 5,2% во однос на истите во споредба со анализираниот период, при што приходите од камати забележаа зголемување од 2,1%, додека расходите од камата забележаа намалување од 11,9%.

Нето приходите од провизии и надомести изнесуваат 245.308.000 денари и се повисоки за 3,6% од истите во 2017 година како резултат на нето провизиите од услугите во сферата на платниот промет, кредитните и картичните производи.

Нето приходите од курсни разлики се на релативно исто ниво како во истиот период од минатата година и изнесуваат 39.446.000 денари. Останатите приходи од дејноста забележаа намалување од 19,9%, во иста насока со останатите расходи од дејноста кои се намалија за 10,8%.

Трошоците за вработени на СБ изнесуваат 208.879.000 денари.

„Во првото тримесечие СБ покажа ослободување на исправка на вредност на финансиските средства во износ од 199.044.000 денари, пред се како резултат на успешното разерешување на статусот на должникот Фени Кавадарци.

Загубата поради оштетување на нефинансиски средства изнесува 7.685.000 денари и е пониска од минатата година за 16,6%“, соопшти банката.

Вкупната актива на СБ изнесува 88.207.052.000 денари, која е повисока споредено со четвртиот квартал од 2017 година за 2,1%.

„Зголемувањето на активата е резултат на зголемување на вложувањата во хартии од вредност, која позиција во првиот квартал од 2018 изнесува 7.106.086.000 денари, и е повисока за 14,1% споредено со четвртиот квартал од 2017 година.

Kредитите и побарувањата од други комитенти изнесува 60.796.830.000 денари, и е повисока за 0,2% споредено со четвртиот квартал од 2017 година.

Паричните средства и паричните еквиваленти забележаа зголемување за 4,6% како резултат на зголемената ликвидност која произлегува од поголемото зголемување на депозитите во споредба со кредитите.

Имено, во истиот период позицијата депозити на други комитенти забележа пораст од 1,5%. Капиталот и резервите изнесуваат 14.664.627.000 денари и е повисок за 7,6% во однос четвртиот квартал на 2017 година“, соопшти банката.