Во првата половина од годинава Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат, односно бруто-добивка во износ од 44,77 милиони денари, што е значително подобрување во однос на минатогодишниот шестмесечен резултат, соопшти банката преку Македонската берза.

„Тековното остварување главно е резултат на повисоки нето-приходи од редовното работење и ефикасно управување и контрола на трошоците, што придонесе за неутрализација на ефектот од зголемената исправка на вредност и загуба за оштетување. Нето-приходите од камати се повисоки за 18,38%, односно 27,11 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година“, соопшти банката.

На страната на приходите од камати остварен e годишен раст од 5,31%, кој раст главно е генериран од зголемено кредитирање на секторот домаќинствa, а во согласност со напорите за дисперзија на ризик и проширување на клиентската база. Следствено на повеќекратните намалувања на пасивните каматни стапки паралелно со пазарните движења, расходите за камати бележат годишно намалување од 19,38%.

Планот на нето-приходи од камати за анализираниот период е остварен со 108,16%. Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 11,38 милиони денари, што претставува годишен раст од 23,86%, при што приходите од провизии се зголемени за 13,63%, одразувајќи го зголемениот обем на активности, главно во делот на платен промет, додека на страната на расходите е евидентирано намалување од 7,71%.

Планот на нето-приходи од провизии и надомести за анализираниот период е остварен со 109,19%. Нето-курсните разлики бележат благо зголемување од 6,19%, односно 0,68 милион денари споредено со првата половина од минатата година, додека планот е остварен со 89,66%.