Во периодот 01.01. – 31.12.2017 година, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат, односно нето-добивка во износ од 43,01 милиони денари, којa е повисокa за 43,06% во однос на минатогодишниот резултат. Тековното остварување првенствено е резултат на повисоките приходи од редовното работење, оптимизација на дел од трошоците преку поддршка на зголемениот обем на работа со постојан стручен кадар, наплата на дел од отпишаните побарувања евидентирани вонбилансно, како и издвоени помали загуби за оштетување на финансиските и нефинансиските средства. Ваквото остварување е речиси двојно поголемо во однос на планираното, односно нето-добивката го надминува планот за 82,16%.

Нето-приходите од камати се повисоки за 6,41%, односно 19,03 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година, додека планот беше остварен со 103,72%. Кај приходите од камати беше евидентиран подинамичен годишен раст од 25,86 милиони денари, што генерално се должи на зголемено кредитирање на секторот домаќинства во согласност со напорите за дисперзија на ризик и проширување на клиентската база. Ова резултираше со остварување од 100,26% на планот кај приходите од камати. Доброто управување со изворите на средства и нивните цени придонесе за раст од само 6,83 милиони денари на страната на расходите, одразувајќи ги зголемениот депозитен потенцијал и високата доверба на јавноста во Банката. Сето ова придонесе за остварување пониски расходи за камати од планираните, односно процентот на исполнување на планот во оваа позиција изнесуваше 93,46%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 8,38 милиони денари, што претставува годишен раст од 9,26%. Ваквиот раст е одраз на зголемениот обем на кредитни работи, работи во платниот промет, работи со платежни картички и останати активности за чија реализација е определен надоместок кој генерира приход.
Главен фактор кој предизвика раст на страната на расходите беше воведувањето на новиот производ ‒ Master Card, чии ефекти во следната година се очекува да се рефлектираат на приходната страна. Со тоа беше постигнато остварување од 95,81% на планот кај нето-приходите од провизии и надоместоци.

Нето-курсните разлики се пониски за 1,34 милиони денари споредено со минатогодишното остварување, додека планот е остварен со 77,21%.

Останатите приходи од дејноста се пониски за 12,68 милиони денари, односно 21,74% споредено со 2016 година, кога беа преземени низа активности за продажба на дел од преземениот имот и намалување на неговото учество во вкупната актива на Банката, што придонесе за реализирање позначајни капитални добивки од продажба на преземен имот во тој период.

Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа, е пониска во однос на претходната година за 23,59%, што генерално се должи на оценет подобар квалитет на новите пласмани и на дел од постојното кредитното портфолио.

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа, за 2017 година изнесуваше само 2,97 милиони денари, што претставува помал износ за 78,31% споредено со минатата година. Ваквото остварување е резултат на доброто управување со преземениот имот и негова продажба во согласност со поставените плански цели.

Трошоците за вработените се пониски за 2,97% во однос на периодот 1.1 – 31.12.2016 година, што е одраз на настојувањата за поддршка на зголемениот обем на работа со постојниот стручен кадар во насока на подобрување на ефикасноста во работењето. Планот кај оваа позиција е остварен со 92,67%. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 13,72%, што главно е резултат на повисоки трошоци за одржување и унапредување на системите за работа и опремата. Амортизацијата е зголемена за 16,89% на годишна основа, додека реализацијата на планот изнесува 101,14%.