Во периодот од 01.01.2020 година до 30.09.2020 година Стопанска банка АД – Скопје оствари добивка пред оданочување во износ од 1.580.087.000 денари (25,6 милиони евра), соопшти банката преку Македонската берза.

„Во споредба со истиот период од минатата година, остварената добивка е помала за 17,8 % како последица на ефектите од пандемијата, кои се значителни како на глобално ниво, така и во домашната економија.

Појавата на пандемијата во текот на првиот квартал од оваа година предизвика сериозни импликации од здравствен и од економски аспект на глобално ниво.

При првите знаци на пандемијата, Стопанска банка АД Скопје реагираше промптно со преземање мерки за заштита на здравјето на вработените и на клиентите во согласност со препораките на надлежните институции во земјата и најдобрите познати меѓународни препораки во овој домен.

Истовремено, банката ги презеде сите мерки за заштита на квалитетот на своето портфолио, како и обезбедување континуитет за непречено функционирање во новите околности.

Во тие рамки банката овозможи одложување на отплатата на кредитите во согласност со промените во регулативата направени од страна на Народна банка на РСМ, заради олеснување на последиците од пандемијата на своите клиенти, физички и правни лица.

Во текот на целиот овој период, банката им е на располагање на клиентите и со поддршка на сите програми што Владата на РСМ ги намени за ублажување на последиците од пандемијата, а кои се реализираат преку банкарскиот систем.

Раководството на банката е активно вклучено во обезбедување услови како за непречено функционирање на целата инфраструктура на банката така и за поддршка на потребите на сите клиенти во новосоздадените услови, како и на економијата и на општеството во целина.

И во натамошниот период, развојот на кризата ќе продолжи да се следи активно и ќе се преземаат сите мерки и активности за ублажување на ефектите“, соопшти банката.