Стопанската комора на Северна Македонија бара одговорност од Владата за доцнењето и ненавремената реализација на инфраструктурните проекти. Како што беше речено денеска на прес-конференција, за бавната динамика предупредил и Заводот за ревизија.

Според Комората, стопанството сака брза и ефикасна реализација, во одреден, дефиниран временски период. Не треба да се одобруваат инвестиции во непродуктивни проекти, земјата мора да се фокусира на патиштата и железниците, на нивна доизградба и осовременување, но и на децентрализацијата со цел рамномерен регионален развој.

Во оваа насока, Комората излезе со конкретен предлог по примерот на Полска – да се изготви државна стратегија за патната, железничката и енергетската инфрастурктура, зад која ќе застанат сите чинители, вклучувајќи ги и политичките.

Стопанската комора уште еднаш апелира, Владата да ги носи одлуките за инфраструктурните проекти транспарентно и во консултации со засегнатите страни.

-Потребен е фокус на изградба на инфраструктурата, да не се одобруваат инвестиции во непродуктивни проекти. Потребна е реализација на капиталните инвестиции, да се понесе одговорност за доцнење и ненавремена реализација на инфраструктурните проекти. Пред неколку месеци побаравме одговорност за доцнењето на инфраструктурните проекти. Стопанството предолго чека на нивната завршница. Ова не се однесува само на домашните компании, туку и на странските фирми. Се нудиме да подготвиме анализи за целосно детектирање на проблемите за да се подготови државна стратегија која ќе биде прифатена од сите полиички и други чинители, во делот на патната, железничката и енергетската инфраструктура. Да го погледнеме примерот на Полска која пред зачленувањето во ЕУ имаше зацртано дека за добра инфрастурктуа треба да направи стратегија. Се договорија сите чинители да се вклучат, како приоритет се дефинира изградбата на магистралната, регионалната и локалната инфраструктура, нејзиното осовременување, изградбата на железниците и на енергетската мрежа. Според првичниот догоовр, стратегијата требаше да се направи за десет години, но ја изготвија за две, по што следуваше наплив на инвестиции, раст на економијата, а за кусо време и членство во ЕУ. И ние можеме да креираме стратегија, но потребна е навремена реализација и фокусирање на клучните проекти, истакна Јелисавета Георгиева Јовевска, советник за инфраструктура и економски развој во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора.

Таа укажа дека е неопходна сигурна и одржлива инфраструктура, не само домашна, туку и прекугранична.

-Колку има реализација на капиталните инвестиции? Можеби се остварени 90 отсто од планираните проекти доколку се погледнат бројките, но стопанството не е задоволно зашто нема реализација на зацртаното за одреден временски период. Ќе има подобри резултати ако се реализира се во предвидениот рок. Железничката пруга кон Бугарија, патот Ранковце – Крива Паланка, патот Градско – Прилеп, пругата Битола – Кременица, се само некои од проектите кои не се завшрени, а ќе го заживеат градежништвото, како и многу други гранки. Сето ова што го кажав, ќе го адресираме и ќе притискаме да се реализира, истакна Георгиева Јовевска.

Во однос на енергетската криза, Комората констатира дека државата успешно се справи, но препорача, наместо ад-хок мерки, да се носат системски решенија прифатени од сите.

-Државата покажа дека и во услови на енергетска криза може да се справи со одредени предизвици, но не треба да се преземаат акутни, ад- хок чекори, туку треба да се оди кон системски решенија прифатени од сите, подвлече Георгиева Јовевска.

Постојниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан се осврна на децентрализацијата, нагласувајќи дека треба да биде една од клучните реформи.

-Силно препорачувам децентрализацијата да биде еден од клучните реформски процеси во земјата зашто е од суштинско значење. Мора да се има предвид дека процесот е комплексен и сензитивен, како и дека бара ангажман од сите засегнати страни. Анализата од 2022 година покажа дека кризата не беше позитивна средина за општините, ги засегна на различни начини. Вкупно 72 од испитаните општини навеле дека украинската криза имала влијание врз нивното функционирање – повисоки цени на храна и струја, но и влијание врз обезбедувањето услуги за граѓаните, рече Григорјан.

Забележан е, додаде, и пад на локалните инвестиции кои се намалуваат и годинава. Вкупно 62 општини го забележале тоа лани во споредба со претходните години.

-Само со заеднички пристап општините може да бидат одржливи, поинклузивни и да обезбедат подбри улусги за граѓаните, порача Григорјан.