Приватизацијата на државното земјоделско земјиште има логика само доколку се продаде на оние што ќе го работат, сето друго е промашена мерка, смета Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање за продажбата на државното земјоделско земјиште, што ја најави премиерот Зоран Заев, Ристовски рече дека во овој случај точно мора да се знаат начинот и принципите по кои ќе се врши овој процес.

„Уште кога се покрена ова прашање, пред седум-осум години, Комората беше јасна како се продава земјиштето, по кои правила и како треба да се заштитат правата на државата, повикувајќи се притоа на најдобрите искуства. Не смее да има политиканство и други игри. Земјиштето и при распределбата и при продажбата мора да се даде на професионалци, да заврши во вистински раце – кај оние што ќе го работат, кај професионалните фармери. Секое друго пренасочување и распределување нема да даде ефект и ќе биде промашена мерка“, дециден е Ристовски.