Поттикнување на извозот во прехранбената и конзервната индустрија бара Здружението на прехранбен сектор и земјоделство при Стопанската комора. Мерките треба да бидат директно насочени кон водечките компании кои го прошируваат производството. Сметаат дека покрај финансиската поддршка, ресурсите и суровините не се доволно искористени.

Се извезува овошје и зеленчук, но нема стратегија за производство со додадена вредност. Здружението на прехранбен сектор и земјоделство бара подршка во прехранбената и конзервната индустрија. Посочуваат дека се потребни ефективни земјишни политики и преструктуирање на земјоделското производство. Според анализата направена од научен тим, бебешката и детска храна, органското производство и здрава храна се потенцијалите за македонскиот аграр и индустрија.

“Во земјодлеството немаме приоритети. Сѐ или ништо не ни е приоритет. И ако изградиме неколку приоритети ние не се фокусираме на нив, туку се расплинуваме потоа и повторно ништо не е доволно поддржано и ништо нема доволен развој“, вели претседателот на Здружението, Ѓорѓи Петрушев.

Професорот Дарко Лазаров, од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, пак, смета дека се потребни институционални, инфраструктурни и транспортни мерки кои можат да му помогнат на земјоделскиот прехранбен сектор да извезува.

– Имаме компании кои од извоз заработуваат еден два или три милиони евра и тие не можат да инвестираат во тимови кои во странство ќе бараат пазари за нив и да ги информираат за потребите од одделни производи. Затоа државата треба да развива систем на промотори. Треба да видиме што бара светот, па да понудиме она што можеме. Тоа е цела логистика која треба да биде во служба на производните капацитети. Треба да се развие и финансиска поддршка на прехранбени производи кои ќе можат да извезуваат во светот – вели Лазаров.

Лани околу 210 милиони евра биле остварени од извоз на примарно земјоделство, двојно повеќе од прехранбената индустрија. Земјоделството учествува со 9,2 % во домашната економија. Оваа индустриска гранка има 323 извозно ориентирани компании кои пласираат на странските пазари над 120 производи.

Анализата на Стопанската комора на Македонија за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација покажала дека е потребно окрупнување или здружување на компаниите и заеднички настап на странските пазари.