Стопанската комора на Северна Македонија и УСАИД, во рамките на соработката која трае подолг период, на полето на економските предизвици со кои се соочува земјата, потпишаа договор за соработка за реализација на тригодишен проект, со кој ќе се зајакнат капацитетите на компаниите за поуспешна регионална соработка и за поврзување, што е од особено значење како за Комората, така и за Коморскиот инвестициски форум, со кој Стопанската комора копретседава во моментов.

Како што се наведува во соопштението од Комората, преку овој проект, исто така ќе се развијат алатки и нови услуги, со што ќе им се посвети особено внимание на јакнењето на конкурентноста на македонските извозно ориентирани компании и на можностите за регионално поврзување, преку реализација на голем број активности, како што се формирањето на Институтот за извоз, креирањето на Националниот совет за извоз, саемите, обуките, како и директната помош на компаниите, со цел зголемена соработка во регионот на Западен Балкан и пошироко.

„Ние во Комората многу добро разбираме дека мала земја како Северна Македонија без извозна ориентација нема перспектива. Како Стопанска комора постоиме 100 години, постари сме и од македонската држава, имаме кадар, имаме цел и знаеме како треба да стигнеме до подобри економски прилики. Преку поддршката што ја добиваме од УСАИД се надевам дека она што го зборуваме 20 години сега е моментот на дело да помогнеме и да се реализира. Сфативме дека без правна држава нема правна сигурност. Активни сме и на тоа поле и се вклучуваме во разрешувањето на проблемите со корупцијата, сивата економија и со еднаквоста на сите на пазарот“, вели преседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Тој уште нагласи дека имаат стратегија наречена Комора на идината.

„Не ја чекаме државата. Имаме и концепт и потенцијал за да одиме напред. Затоа, оваа поддршка ни е важна, а со активностите преку овој проект чиниме добро и за бизнисот, но, уште повеќе, и за државата“, истакнал Азески.

Џејмс Стајн, претставник на Канцеларијата на УСАИД во Македонија посочил дека со нивното партнерство со Стопанската комора ќе ја поддржат регионалната соработка на приватниот сектор и ќе се зајакнат капацитетите на извозно ориентираните компании.

„Бизнисот ги препозна можностите што ги носат регионалните иницијативи и важноста на слободниот проток на капитал, стоки, услуги и на луѓе. Тоа ќе овозможи зголемена трговска размена, ќе го направи регионот поатрактивен за нови инвестиции, но и ќе ги подготви компаниите за предизвиците на заедничкиот европски пазар“, изјавил Џејмс Стајн, претставник на Канцеларијата на УСАИД во земјава.