Македонските граѓани кои возат автомобили со странски таблички, ако сакаат да влезат во земјава со нив ќе треба да се откажат од живеалиштето во Македонија или да ги остават и да ја поминат границата пеш. Вакво е искуството на стотици македонски граѓани кои со автомобили со бугарски таблички се обиделе да влезат во земјава на трите гранични премини на бугарско-македонската граница, објави денеска МКД.мк.

Во редакцијата се јавиле неколку граѓани кои се соочиле со овој проблем на граница, но не добиле објаснување зошто не можат да влезат со автомобилот.

„Се враќав од Бугарија и се шокирав кога на македонската граница ми рекоа дека не можам да влезам со автомобилот со бугарска регистарска табличка. Ми рекоа ‘ ти можеш да поминеш пеш, а колата да ја оставиш во Бугарија‘. Се вратив во Бугарија и ја оставив. Морам да видам зошто е тоа така, па да се вратам по неа“, раскажува скопјанец за своето искуство на граничниот премин Деве Баир.

За разлика од него, друг наш сограѓанин, уште пред да ја напушти земјава на граница бил предупреден да не излегува со автомобилот од Македонија, бидејќи после нема да му биде дозволено со него да се врати.

Според сведочењата на наши сограѓани, само во петокот на Деве Баир биле вратени стотина македонски граѓани со автомобили со бугарски регистарски таблички.