Од државата ќе се излеат 1,9 милијарди евра кон странски компании и работници, а само 80 милиони евра кон домашните градежници, предупредија синдикалците и работодавачите од секторот

Македонските градежници не му веруваат на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, дека 51 отсто од работите на делниците на Коридорите 8 и 10Д, ќе ги вршат домашни компании, оти така се ветувало и порано, па грешките при градењето ќе ги плаќаат идните седум поколенија (патот Кичево-Охрид). И работодавачите и синдикатите од овој сектор се децидни дека знаат да проектираат, да изведуваат и да градат, но не е фер што странците го земаат кајмакот, а домашните градежници копаат дупки. Поразителен е фактот што домашните компании се се помалку присутни на домашниот пазар, особено кога станува збор за јзначајните капитални проекти во патната и железничката инфраструктура. Имајќи предвид дека најголемите идни проекти се донесуваат на Коридорите 8 и 10Д, а кои ќе се реализираат со странскиот стратешки партнер, за очекување е дека доследно ќе се почитува ангажманот на минимум 51 отсто локални ресурси, што е во согласност со усвоената и ратификувана Конвенција 94 на Меѓународната организација на трудот. Оттука, Иван Пешевски, претседател на градежниот Синдикат и Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при СКМ, едногласно бараат итен прием во Владата да се разговара за според нив „безобразниот договор“ со „Бехтел и Енка“, а се заканија дека ќе ги искористат сите можности, па освен работниците, на „Илинденска бб“, ќе ја донесат и механизацијата.

Од државата ќе се излеат 1,9 милијарди евра кон странски компании и работници, а само 80 милиони евра кон домашните градежници. Не е исто да бидете главен изведувач или подизведувач. Така не можеме да се стекнеме со референци за странските тендери. Немаме информации за договорот, ниту за тендерот и затоа сме скептични кон изјавите на владините претставници. Бараме итен прием во Владата, а доколку таму нема слух, ќе ги известиме европската и светската градежна федерација, па нека ни се смее цел свет за небулозните договори – порача претседателот на градежниот Синдикат.

Веќе подолг период градежништвото е клекнато на колена иако опфаќа 7 отсто од вкупниот број на вработени. Само лани од земјава си отишле над 12 илјади градежници, а за прв пат во историјата вкупниот број на вработени во секторот е под 50.000, рече Андреа Серафимовски, претседателот Здружението за градежништво при СКМ. Ова е поразителен податок, додаде Серафимовски, ако се земе предвид податокотдека македонските работници и граѓани ќе ги враќаат кредитите за финансирање на најважните инфраструктурни проекти, а средствата од нив ќе се прелеат во странство, а домашните градежни компании ќе пропаѓаат.

Изминатиот период две од трите делници на железничката пруга 8 во вредност од 200 милиони евра им беа доделени на странци, сега повторно странци ќе добијат 1,3 милијарди евра за Коридорите 8 и 10Д. Нејасно е како условите за работа за странските компании се поповолни отколку за домашните компании,а важечките прописи не предвидуваат механизми за заштита на домашниот пазар – додаде Серафимовски.

Синдикалците и работодавачите се децидни дека македонската јавност е презаситена од бројните афери и скандали со јавните набавки. Од корупциите во јавните набавки се засегнати сите дејности, додека последиците најдиректно ги чувствува градежништвото, порачаа Пешевски и Серафимовски. Тие предупредија дека и кога Собранието го донело Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на страшеки партнер за имплементација на овој проект, поради неуставност на членот 12 кој предвидуваше стратешкиот партнер да има целосно право да го орагнизира и распоредува работното време, Уставниот суд ја прифатил иницијативата работниците на автопатските делници да не бидат ангажирани во просек по 60 часа неделно и не би сакале повторно да бараат заштита од овој суд.