Низа американски компании ги предупредуваат инвеститорите дека продажбата во првиот квартал може да претрпи последици од епидемијата со новиот корона вирус Covid-19. Apple само што го направи ова многу пореално.

Компанијата вредна 1,4 илјади милијарди долари излезе со изненадувачко соопштение до инвеститорите во кое ги предупредува дека веќе не очекува да ги исполни проекциите за приходите објавени минатиот месец.

Компанијата не е загрижена само за тоа дека ќе биде погодена побарувачката за производите на Apple во Кина – тоа е повеќе од јасно, со оглед на тоа дека сите продавници во земјата се затворени.

Apple се соочува и со проблеми во производството на моделите iPhone. Прекинот на синџирот на добавување делови стана главна причина за загриженост меѓу економистите кои го следат поширокиот ефект од ширењето на епидемијата.

Apple соопшти дека иако нејзините производни партнери во Кина се лоцирани надвор од провинцијата Хубеј која е епицентарот на епидемијата, и иако овие фабрики почнале со работа, враќањето во нормала ќе биде тешко.

Аналитичарот Самик Чатерџе од JPMorgan им кажал на неговите клиенти дека долгорочната прогноза за компанијата „останува непроменета“. Дебитирањето на моделите iPhone со 5G технологија закажано за годинава се очекува да ја подобри побарувачката, а Apple помалку зависи од продажбата на моделите iPhone во Кина како што тоа беше случај пред една година.

Сепак, инвеститорите се претпазливи. Вредноста на акциите на Apple падна за 2,6% вчера, што „збриша“ 34 милијарди долари од пазарната вредност на компанијата.