Архитектонските бариери остануваат едни од најгорливите проблеми со кои се соочуваат лицата со телесен инвалидитет. Движењето се колички по улиците им е отежнато, пристапот до вториот кат,високитетротоари, рабниците на пешачките премини се пречка за нив па поради тоа неопходна им е дополнителна помош. Иста е состојбата низ сите градови во земјава, но забележително е во туристичките центри, кога инвалидизираните лица одмараат на брегот на Охридското езеро.

Потребна е подобра инфраструктура за развој на пристапен туризам.

„Пристапноста е еден од најголемите проблеми во нашата држава, таа е толку комплексна ние постојано говориме се трудиме, правиме и проекти и барања. Ние како граѓани на светот, како човеково суштество го имаме правото на таа пристапност“, вели Христина Просковска од „Мобилност“ Скопје.

Туристичките центри мора засилено да работат на пристапен туризам. Лицата со инвалидитет сè уште се среќаваат со голем број препреки кои дополнително им го отежнуваат секојдневието.

„Ние тука на ниво на цела Македонија ги поседуваме овие апартмани и доаѓаме на одмор ако може барем уличките некако да ни се направат да може во тој смисол да можеме слободно да се движиме, бидејќи не е голема инвестиција мислам дека ќе ни излезат во пресрет“, вели Гоце Миновски претседател на „Мобилност“ од Скопје.

Од здружението „Мобилност“ велат дека постојано работат на отстранувањето на физичките бариери и поголема пристапност. Во земјава се проценува дека 10 проценти или околу 200 илјади жители се лица со инвалидитет.

Соња Рилковска