Струшката фирма „Еко-свет“ вчера по пат на јавно надавање го доби Охридското Езеро под концесија за стопански риболов во период од шест години, за сума од 400.000 евра, објави „Алсат“.

„Постапката за доделување концесија на риби за вршење стопански риболов и организирање рекреативен риболов на Охридското Езеро е во тек. Обврските по однос на порибувањето, количини и улов на риба на идниот концесионер ќе бидат утврдени во договорот за концесијата по изборот на концесионер“, велат од Министерството за земјоделство, од каде сепак не ги демантираат објавените информации за новиот концесионер кој го доби на користење најголемото и најубавото македонско езеро.

Охридското Езеро немаше концесионер од јануари 2020 година, кога на фирмата која ја вршеше оваа дејност, „Летница-Белвица“ државата ѝ ја одзеде концесијата бидејќи не водела точна евиденција за уловената риба.

Истовремено, продолжува незадоволството кај научниците, екологистите и спортските риболовци, кои велат дека на концесионерите секогаш приоритет им е профитот, наместо грижата за езерото. Рибарите и директно обвинуваат дека стопанисувањето со езерото е „вносен бизнис преку кој се перат големи пари“.

„Државата, иако е должна, не се грижи за Охридското Езеро и затоа владее хаос и ќе продолжи и понатака да владее хаос, ако не ѝ се дозволи на некоја научна установа или на македонската риболовна федерација да управува со тие риболовни води. Еве, имавме искуство од претходните концесионери тој на пример, пријавуваше дека за пет години уловил од 400 до 500 килограми пастрмка, вели за „Алфа“ Радован Димитриески од здружението „Рибарски приказни“.