Со 15 милиони денари ќе се субвенционираат малите производители на вино и на ракија. Финансиската поддршка во висина до 600 илјади денари по корисник е наменета за инвестиции во опрема, основни средства и за услуги за барателите.

Корисници на средствата можат да бидат земјоделци регистрирани како производители на вино со максимален капацитет на производство до 50.000 литри годишно или независни производители на ракија и жестоки алкохолни пијалаци, односно мали дестилерии.

Висината на финансиската поддршка изнесува до 600 илјади денари по корисник за трошоци за набавка на опрема за производство на вино и до 300 илјади денари за трошоци за набавка на опрема за производство на жесток алкохолен пијалак.

За доделување на финансиската поддршка Министерството за земјоделство ќе објавува јавни повици за поднесување на барања. Еден корисник може да поднесе само едно барање. Заедно со другите документи треба да достави и деловен план. Средствата се распределуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“. Одобрените пари се исплаќаат авансно според роковите утврдени во договорот.

Корисниците на средствата до Министерството доставуваат извештај за реализација на деловниот план со документи за извршените плаќања во рок од 45 дена од набавката на опремата и потпишувањето на договорот за неповратната финансиска поддршка.

Опремата не може да се отуѓува во рок од пет години од нејзиното купување.