Заради неизвршување на обврските по издадените приритетни акции од Стопанска банка АД Скопје (Банка) и неприфаќањето таа да го реши ова прашање по спогодбен пат, група од 430 акционери со приоритетни акции на Банката на 27.12.2019 година поднесоа тужба за наплата на неисплатениот дел од гарантираната дивиденда и од дивидендата распределена од добивката на Банката.

Претходно, за годишното собрание на акционери на Банката во 2019 година група акционери до Надзорниот одбор (НО) на Банката упати барање со предлог за уредувања на правата на приоритетни акции во Статутот на Банката, кои права се определени уште при издавањето на акциите во 90-те години. Иако акционерите со приоритетни акции имаат право согласно член 403 и 405 од Законот за трговски друштва (ЗТД) да достават предлог со кој се менува односно ограничува кое било право врзано за некој род акции, предлогот беше одбиен од НО на Банката спротивно на ЗТД, со образложение дека предлог може да достават само акционери кои претставуваат најмалку една десеттина од акциите со право на глас. Битно да се напомене е дека, НО на Банката го сочинуваат седум членови, од кои пет се претставници на мнозинскиот акционер НБГ (Национална Банка на Грција) и двајца се независни членови.

За одбивањето на предлогот беше известена Комисијата за хартии од вредност (КХВ), која согласно нејзините надлежности требаше да реагира, но тоа не го стори и дозволи одбивањето да биде “во согласност со законот”.

Што бараат 430-те акционери со поднесената тужба?

Со поднесената тужба 430 акционери бараат Судот да утврди дека имателите на приоритетни акции имаат право на гарантирана фиксна дивиденда и право на дивиденда распределена од добивката на Банката, и да ја задолжи Банката да ја исполни обврската односно на секој акционер-тужител да му исплати надомест на штета поради неисплатена дивиденда.

Разбирливо е дека сите приоритетни акции имаат еднакви права и дека и износот што ќе биде утврден на име неисплатена дивиденда по акција ќе биде еднаков. А, што е различно? Различен е само бројот на акции што ги поседува секој од 430-те тужители.

Судот го раздвои предметот заради целисходност

Во ваква кристално јасна ситуација за тоа што е еднакво и што е различно во предметот, судот одлучи да донесе решение со кое ќе ја раздвои постапката на 86 предмети со по пет тужители во предмет. Во образложението на донесеното Решение стои дека тоа судот го направил поради целисходност “за да овозможи разгледување на секое поединечно тужбено барање по висина и покрај тоа што основот е ист”. Законскиот основ за таквата “целисходност” судот го наоѓа во членовите 263 ст.1 и 299 ст.3 од Законот за парнична постапка (ЗПП).

Што ова значи? Тоа значи дека за секој предмет треба да се достават доказите во 86 примероци и 86 пати адвокатите на двете страни да го кажуваат односно повторуваат истото. Ова не само што е комично, туку уште повеќе е и трагично! Право на жалба на вакво решение не е дозволено!

Материјалниот дел (докази и поднесоци) во предметот лесно се пресметува колку тој тежи во пари и килограми хартија. Доказите на тужителите-акционери се околу 350 страни, и тужениот е блиску до таа бројка. Доказите се приложуваат во три примероци (за тужителите, за судот, за тужениот). Се доаѓа до бројка од околу 200.000 страни кои тежат скоро 1 тон, а чинат 300.000 денари. Усниот дел (обраќања на адвокатите и судијата) на рочиштата за еден предмет вкупно ќе траат најмалку 5 часа. Дали е потребно 86 пати да се повторува, односно судијата 86 пати да го слуша истото, го прашуваме судот? А, колкави ќе бидат трошоците за судските такси, адвокатите, вештаците!?

Нејасно останува, што е тоа што судијата ќе го утврдува низ 86 идентични предмети? Ако веќе судијата одлучил да го разгледува секое поединечно барање, зошто тоа не го стори во 430 поединечни предмети? И, ако судијата се држи до “основот за раздвојување”, зошто тогаш одлучил да се води расправа за 5 барања во еден предмет, односно зошто одлучил да спои 5 предмети во еден предмет, уште во самиот старт? Зошто не споил 10, или не споил 43? И, зошто не останал еден предмет?

Судијата со ова небулозно решение, постапи спротивно на:

  • член 178 став 1 од ЗПП: “(1) Во една тужба тужителот може да истакне повеќе барања против истиот тужен кога сите барања се поврзани со ист фактички и правен основ. Ако барањата не се поврзани со ист фактички и правен основ, тие можат да се истакнат во една тужба против ист тужен само кога истиот суд стварно е надлежен за секое од овие барања и кога за сите барања е определен ист вид постапка.”, и
  • член 299 став 1 од ЗПП: “(1) Ако пред ист суд течат повеќе парници меѓу исти лица, или во кои исто лице е противник на разни тужители или разни тужени, сите овие парници можат со решение на советот да се спојат заради заедничко расправање, ако со тоа би се забрзало расправањето или би се намалиле трошоците. За сите споени парници судот може да донесе заедничка пресуда.
  • На подготвителното рочиште полномошникот на тужителите и полномошникот на тужениот изразија очекување дека судот може прво да донесе меѓупресуда заради целисходност, а потоа да расправа/одлучува за износите во тужбеното барање. Потврда за тоа е и што одговорот на тужба во вештиот наод не содржи пресметка за износите во тужбеното барање. Таквото нивно очекување беше сосема оправдано и во согласност со член 316 од ЗПП (Меѓупресуда): “(1) Ако тужениот ги оспорил и основот на тужбеното барање и износот на тужбеното барање, а во поглед на основот работата узреала за донесување на одлука, судот може заради целесообразност прво да донесе пресуда само за основот на тужбеното барање (меѓупресуда). (2) До правосилноста на меѓупресудата судот ќе застане со расправањето за износот на тужбеното барање.Но, и таквиот можен тек на судскиот процес беше категорично одбиен од судијата.Се прашуваме: Како ќе реагира Апелациониот суд кога ќе добие 86 идентични по аргументи жалби, а само различни побарувања по износ? Дали тие 86 жалби ќе ги решава ист совет?

Судијата постапи нестручно, несовесно и непрофесионално

Ваквото постапување на судијата со донесување на Решение за раздвојување и одбивањето да донесе меѓупресуда, не го разбираат нити правно одобруваат неколкумина искусни адвокати, судии и правници со кои разговаравме. Оттука, заклучок и на акционерите е дека судијата постапил нестручно, несовесно и непрофесионално. Оставаме, секој читател да донесе свој заклучок во чиј интерес судијата така постапил!

Решението за раздвојување на предметот судијата го донесе спротивно на:

  • Начелото на владеење на правото, што значи дека судот треба да ги почитува законите и правилно да ги применува законските одредби;
  • Начело на еднаквост, непристрасност и објективност, го обврзува судот во постапката да обезбеди еднаква, непристрасна и објективна примена на законите и на другите прописи во решавањето предметот;
  • Начелото на судење во разумен рок, што значи времето во кое судот би требало мериторно да ја заврши постапката да се спроведе без одложување, во разумен рок;
  • Начелото на процесна економија, што значи судот треба да настојува да ја спроведе постапката со што помалку трошоци, односно парницата да се заврши со употреба на што помалку труд и материјални средства, а да се постигне што поповолен резултат;

Судијата со донесеното решение стори повреда и на Европската Конвенција за човекови права (Конвенцијата), која има за цел да гарантира не права што се теоретски или илузорни, туку права кои се практични и ефективни. Во практична смисла, наметнување на значителен финансиски товар што се должи на завршувањето на постапката исто така може да делува како ограничување на правото на суд. Во конректниот случај, трошоците наместо да се намалат, истите со раздвојувањето на постапката само би се зголемиле, кое нешто исто така го попречува и правото на пристап до суд на странките.

Конвецијата се применува на национално ниво. Таа е составен дел од законодавството на државите членки, кои што се обврзуваат да ги заштитуваат правата предвидени со Конвенцијата. Затоа, домашните судови треба да ја применуваат Конвенцијата. Во спротивно, Европскиот суд за човекови права може да ја осуди државата, и тоа, во случај на поплаки од страна на поединци, кои тврдат дека нивните права не биле почитувани.

Со кој воз ќе патува судскиот процес Акционери против Стопанска Банка Скопје?

Дали овој судски процес можеби се качил на последниот воз на очајниот македонски судски систем? Дали може да се надеваме дека Министерот за правда овој судски процес ќе го поведе со возот на новите судски реформи?

Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје.

(Отворено писмо од Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје)