Научниците објавија дека со помош на вештачка интелигенција развиле „фундаментално нов“ тип на вакцина, која би можела да обезбеди заштита од голем број вируси и да спречи идни пандемии.
Тимот од Универзитетот во Кембриџ наведува дека ова е прв пат клучна компонента на вакцина да биде целосно дизајнирана со помош на вештачка интелигенција, а потоа тестирана на луѓе. Новата вакцина е дизајнирана да работи против сите коронавируси, што вклучува варијанти на Ковид, но и вируси кои моментално инфицираат животни и би можеле да ја предизвикаат следната пандемија, пишува Би-Би-Си.

Постојните вакцини го учат нашиот имунолошки систем како да ја препознава и да се бори против инфекцијата. Сепак, некои вируси, како што се предизвикувачкиот агенс на Ковид или грип, се вешти во менувањето на својот изглед, т.е. мутираат, поради што вакцините брзо стануваат застарени и треба редовно да се ажурираат.

„Секогаш сме зад нив“, рече професорот Џонатан Хини од Универзитетот во Кембриџ. „Она што се обидуваме да го направиме е да ги спречиме настаните до степен до кој можеме да се заштитиме од нови епидемии или пандемии.“

Како функционира новата вакцина?

За разлика од традиционалниот пристап, каде што вакцините се дизајнирани врз основа на моментално циркулирачкиот сој на вирусот, истражувачите од Кембриџ применија различен метод. Тие ги користеа познатите генетски кодови на голем број коронавируси, собрани преку програми за надзор за потенцијални вирусни закани. Овие податоци беа анализирани од вештачка интелигенција, која потоа дизајнираше „супер-антиген“. Тоа е компонента што може да го обучи имунолошкиот систем да обезбеди заштита од целото семејство на вируси, дури и ако мутираат или ако нова инфекција се пренесе од животни на луѓе.

Антигените се клучен дел од вакцината бидејќи токму нив имунолошкиот систем учи да ги напаѓа. Хини истакна дека ова е прв пат антиген дизајниран од вештачка интелигенција да се тестира кај луѓе. Тој додаде дека технологијата „нè изненади сите“ и дека „е неверојатно што можеме да направиме со неа за доброто на човештвото“.

„Станува збор за создавање вакцини кои нè штитат не само од денешните вируси, туку и од она што би можело да предизвика следната епидемија или болест“, изјави Хини за BBC News. „Ова е фундаментална промена во начинот на кој се подготвуваме за пандемии.“

Првите клинички испитувања беа спроведени на 39 лица, првенствено со цел да се процени безбедноста на оваа вакцина. Втората студија, во која ќе учествуваат околу 200 лица, треба да даде подобар увид во тоа колку добро вакцината го тренира имунолошкиот систем. Наодите, детално опишани во Journal of Infection, наведуваат дека влијанието врз имунолошкиот систем било „скромно“, но сепак предизвикува оптимизам во научната заедница.

Професорот Саул Фауст од Универзитетот во Саутемптон, кој спроведе дел од испитувањата, рече дека дизајнот потпомогнат од вештачка интелигенција „дефинитивно има потенцијал“ и дека е „навистина возбудлив“. „Она што е особено интересно е што технологијата е многу подобра во дизајнирањето вакцини за потенцијални пандемии, каде што вирусите постојано се менуваат“, изјави тој за BBC.

Иако работата на вакцина против коронавирусот е сè уште во рана фаза, тимот од Кембриџ веќе развива други вакцини базирани на истата технологија. Во тек се истражувања врз животни за универзални вакцини против сезонски грип, кои нема да треба да се прилагодуваат секоја година, како и вакцина против птичји грип H5N1, во случај вирусот што моментално ги погодува популациите на птици да стане човечка пандемија. Исто така, се разгледува вакцина за вирусни хеморагични трески, кои вклучуваат видови на ебола.