Индија го забрани извозот на пченица и таа одлука на државата стапи на сила во петокот доцна навечер, соопшти владата во Њу Делхи.

Вториот по големина производител на пченица во светот се обидува да ја намали цената на локалниот пазар. Испораките на пченица се дозволени само во случаи ако продажбата била одобрена претходно, додаде владата, пренесе Ројтерс.

Откупувачите од целиот свет се обратија кон Индија за откуп на пченица, откако беше прекинат извозот на пченица од Украина по рускиот напад во Украина.

Ваквата одлука на Индија го отвори прашањето како ќе се рефлектира на цената на пченицата на светскиот пазар, но пред се на прехранбената индустрија. Очите на светот беа свртени во Индија како спас за светот по војната во Украина. Предупредувања за голема криза со глад стигна од најголемата европска економија,

„Ситуацијата е многу драматична. Поради пандемијата на коронавирус, екстремните суши и војната во Украина, светските цени на храната се зголемија за една третина и сега се на рекордно ниво, вели германската министерка за економска соработка и развој Свења Шулце (СПД) која во интервју за Билд предупреди дека на светот му се заканува акутна криза поради вртоглавите цени на храната.

„Светската програма за храна моментално проценува дека повеќе од 300 милиони луѓе страдаат од акутен глад и бројките мора постојано да се прилагодуваат, проценките се зголемуваат. Горката порака е дека ни се заканува најголемата криза со глад по Втората светска војна, милиони луѓе ќе умрат“, рече таа.