По економската катастрофа што ја донесе пандемијата на КОВИД-19 и историски најголемата рецесија, заздравувањето на македонската економија оди побавно одошто се очекуваше.  Светска банка во најнoвиот извештај проектира економијата во земјава да закрепне и да се врати на нивото како пред пандемијата дури на почетокот на 2022 година.

Масовната имунизација треба да биде приоритет, а Владата мора да внимава како ги троши народните пари. Помошта за копаниите мора добро да се таргетира, зашто оддолжувањето на закрепнувањето на економијата би предизвикало стечај на многу фирми. Јавниот долг, кој со пандемијата отиде нагоре, се очекува да не биде поголем од 65% од БДП.

„Растот на јавниот долг ќе продолжи, но побавно во однос на претходно, бидејќи економијата е на пат на закрепнување, така што очекуваме позитивна стапка на економски раст што пак ќе придонесе за ограничување на растот на јавниот долг.“ – вели Сања Маџаревиќ Шуистер од Светска Банка.

Иако животот поскапува секој ден, а цените одат нагоре, сепак кај банкарите постои оптимизам дека ценовниот притисокот ќе попушти и нема да повлече инфлација.

„Тоа е очекувано поради тешкотиите во синџирите на испорака и снабдување, меѓутоа очекуваме, откако ќе почне попуштањето на епидемилошките мерки да се засили конкуренцијата а со тоа и намалување на прехрамбените производи и во Европа и во Западниот Балкан. Македонија е земја со силни ресурси во земјоделието.“ – вели Маџаревиќ Шуистер.

Извештајот на Светска банка за Западен Балкан покажува дека во овој регион во периодот на пандемија се изгубени околу 139 илјади работни места, а од 165 до 360 илјади луѓе живеат во сиромаштија. Најлошо рангирана или најпогодена од пандемијата е Црна Гора. Србија, пак, е апсолутен победник. Нивната економија веќе се врати на старо, како пред појавата на заразата.