Здравствените и економските последици од короната ги разгори веќе постоечките прогнози за пресврт на демографските трендови што укажуваат на намалување на светската популација. Во исто време, водечките американски институти и медиумите предупредуваат дека додека стапката на наталитет се намалува поради зголемената сиромаштија, бројот на милијардери рапидно се зголемува. Веднаш по претседателските избори во САД, богатството на само првите десет најбогати луѓе во САД се зголеми за повеќе од 33 милијарди долари.

Во моментов живеат 7,8 милијарди луѓе на Земјата. Иако глобалното население продолжува да расте за околу 82 милиони луѓе годишно, тоа сепак е во голема мера резултат на растот на населението во субсахарска Африка, за која се предвидува двојно зголемување на популацијата до 2050 година. Сепак, глобалниот раст забавува.

Имено, додека Обединетите нации и другите истражувачки центри претходно предвидуваа експлозија на населението и можна пренаселеност на планетата, сега има се почести прогнози кои се сосема спротивни. Така, неколку неодамна објавени студии наведуваат дека светската популација ќе се намали од 9,7 милијарди луѓе во 2064 година на 8,8 милијарди луѓе до крајот на векот во текот на втората половина на овој век.

Студија објавена во научното списание „Лансет“ укажува на тоа дека глобалната стапка на плодност ќе се намали за скоро една третина до 2100 година. Во 23 земји, населението ќе се намали за половина, а во други 34 земји за 25 до 50%. Истражувањето посочува дека јапонското население најверојатно достигнало врв од 128 милиони во 2017 година и ќе се намали на под 53 милиони до 2100 година. Во истиот период, населението во Италија, на пример, ќе се намали од 61 на 28 милиони луѓе.