Трошоците за растителни масла, житарици, шеќер, месо и млечни производи продолжуваат да паѓаат. Голема улога игра договорот за извоз на украинското жито

Глобалните цени на храната се намалија во јули, но сепак се многу повисоки од ова време минатата година, објави во петокот Организацијата за храна и земјоделство на ОН.

Иако цените остануваат високи, тие сега се намалуваат петти месец по ред, паѓајќи за 8,6% во јули во споредба со јуни, според индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство.

Индексот, кој ја мери месечната промена на меѓународните цени на кошницата со прехранбени производи, сепак беше за 13,1% повисок од јули 2021 година.

Најголем пад имаше за цените на растителното масло, кои паднаа за 19,2% меѓу јуни и јули и достигнаа најниско ниво во последните 10 месеци.

Индексот на цените на житарките забележа месечен пад од 11,5%, соопшти ФАО.

Намалувањето на житариците беше предводено од падот на светските цени на пченицата, „делумно како реакција на договорот постигнат меѓу Украина и Руската Федерација за деблокирање на главните украински пристаништа на Црното Море“, соопшти агенцијата на ОН.

Црноморскиот договор придонел цените на пченицата да паднат за 14,5 отсто, додека цените на сите житни култури се намалиле за 11,5 отсто меѓу јуни и јули. Сепак, цените на житариците остануваат за околу 17 проценти повисоки од лани, а особено на пченицата се повисоки за околу 25 проценти.

Испораките според минатомесечниот договор со посредство на ОН започнаа оваа недела, при што првиот брод со пченка ја напушти Украина за Либан во понеделникот.

Денеска испловија уште три брода натоварени со жито, на пат кон Ирска, Велика Британија и Турција.

„Падот на цените на прехранбените производи од многу високи нивоа е добредојден, особено кога се гледа од гледна точка на пристап до храна“, рече главниот економист на ФАО Максимо Тореро во изјавата.

„Сепак, остануваат многу неизвесности“, рече тој, посочувајќи на високите цени на ѓубривата, „мрачните глобални економски изгледи“ и движењата на валутите.