Со употреба само на дигиталниот потпис Естонија заштедува нешто повеќе од два процента од БДП, колку што е и уделот што земјата го троши на одбраната, со што оваа клучна услуга на дигиталното општество практична ја плаќа одбраната во Естонија, вели во интервју за МИА Лаури Табур, главен експерт на Естонскиот центар за меѓународен развој и поранешен ректор на Естонската академија за безбедносни науки.

-Тешко е да се каже колку средства од годишниот буџет се издвојува за ИКТ. Како што веќе реков, ИКТ не е нешто само за себе, таа ги поддржува услугите. Но имаме направено одредени проценки, на пример колку заштедуваме од една клучна услуга во дигиталното општество – дигиталниот потпис. Една пресметка од пред неколку години покажа дека естонското општество заштедува нешто повеќе од 2% од БДП само од користење на дигитални потписи наместо циркулација на хартија меѓу луѓето, бизнисите и владата. Со оглед на тоа дека 2 проценти е уделот што го трошиме на одбраната, може и да се каже дека дигиталниот потпис ја плаќа одбраната во Естонија, вели Табур на прашањето колку средства од буџетот издвојува годишно Естонија за ИКТ секторот и колкава е поддршката за ИКТ бизнис секторот.

Тој гледа голем потенцијал во Северна Македонија бидејќи има повеќе различни појдовни основи во дигиталното општество што се веќе достапни, како и паметна млада генерација која, вели, би сакала да ги има добрите услуги што ги искусиле низ светот. Со воведување на дигитална лична карта би било полесно да се направат следните чекори во дигитализацијата на нашето општество, вели  естонскиот експерт, кој е дел од естонската делегација што ја посети земјава по повод почетокот на проектот насочен кон унапредување на дигитализацијата на Северна Македонија, што ќе се спроведува со финансиска поддршка од Естонија и САД.

Во продолжение е целосното интервју со Лаури Табур, главен експерт на Естонскиот центар за меѓународен развој и поранешен ректор на Естонската академија за безбедносни науки.

Естонија започна со процесот на дигитализација, односно вложување во развојот на ИКТ технолгијата веднаш по независноста од 1991 година. Денес се смета за успешна приказна, земја модел во однос на примената на ИКТ технологијата во Европа. Колку овој процес влијаеше врз трансформација на земјата и постигнување на полноправно членство во ЕУ 2004 година?

– Целта на естонската дигитална трансформација никогаш вистински не беше да станеме членка на ЕУ или НАТО, иако процесите се меѓусебно поврзани. Првите јавни дебати во доцните 90ти околу потребата за подобри јавни услуги и подобра инфраструктура за вршење бизнис во Естонија доведе до првичното согледување дека вистинската промена во нивоата на услугите не може да се постигне без промена на начинот на кој владата ги дава услугите. Се вели дека за да се промени една култура потребна е една генерација (од 25 години). Ние го немавме тоа време на располагање, па така моравме да го промениме процесот на давање услуги и се обидовме да ги поддржиме новите процеси преку дигитални решенија. Она што навистина се случи беше дека новите процеси, поддржани преку дигитализацијата, многу често создаваа нови и многу поефикасни начини за испорака на услуга. Ефикасноста беше нешто што ни беше навистина потребно за да се оттргнеме од стариот советски систем.

Денес дигитализацијата е високо на агендата на ЕУ. Кои се искуствата кои Северна Македонија може да ги примени во однос на дигитализацијата на општеството односно изградба на информациско општетство како значаен дел во процес на евроинтгерација на земјата?

– Првото и најважно искуство би било да се постигне согласност околу целта – што сакаме да постигнеме и кои би биле најважните 2-3 чекори за да ја постигнеме таа цел. Дигитализацијата не е нешто само за себе, иако дигитализацијата е нешто за што скоро сите зборуваат во денешно време. Како и во примерот со Естонија, целта не беше да се дигитализира, туку да се оттргнеме од советскиот начин на работење. Критична маса од јавни институции разбра дека промена на начинот на кој тие даваат услуги може да се поддржи преку дигитализација. И кога процесите се дигитализираа почнаа да се појавуваат нови услуги, бидејќи новото окружување со дигитални услуги даваше неограничени можности за понатамошен развој на услугите.

Колку средства од буџетот издвојува годишно Естонија за ИКТ секторот и колкава е поддршката за ИКТ бизнис секторот?

– Тешко е да се каже колку средства од годишниот буџет се издвојува за ИКТ. Како што веќе реков, ИКТ не е нешто само за себе, таа ги поддржува услугите. Но имаме направено одредени проценки, на пример колку заштедуваме од една клучна услуга во дигиталното општество – дигиталниот потпис. Една пресметка од пред неколку години покажа дека естонското општество заштедува нешто повеќе од 2% од БДП само од користење на дигитални потписи наместо циркулација на хартија меѓу луѓето, бизнисите и владата. Со оглед на тоа дека 2% е уделот што го трошиме на одбраната, може и да се каже дека дигиталниот потпис ја плаќа одбраната во Естонија.

Повод за вашата посета е почетокот на проектот насочен токму кон унапредување на дигитализацијата на Северна Македонија, кој се спроведува со финансиска поддршка од Естонија и САД. Кои се целите на проектот, активностите кои ќе бидат спроведени и периодот на негово спроведување? 

– Проектот е изграден како менторски проект помеѓу Естонија и Северна Македонија, односно поддршка на оние кои ги донесуваат одлуките во Северна Македонија преку пренесување на искуството на Естонија во подготовката на земјата за дигитализацијата и спроведување на најважните чекори. Во текот на оваа недела имавме одлични состаноци со повеќе претставници од општеството, за да ја увидиме состојбата овде, каде се тесните грла. После оваа работна недела ќе ни треба одредено време да ги анализираме информациите и набрзо ќе се вратиме кај нашите овдешни партнери со првичните размислувања кои се надеваме дека ќе ги трансформираме во еден едноставен патоказ на најважните први чекори што може заедно да ги следиме во текот на следните 18 месеци од програмата.

Како ги оценувате условите во С. Македонија за развој на информатичко општество во однос на потребната достапност на интернетот, развиена комуникациска мрежа, и кои се областите каде се потребни значителни вложувања за постигнување на тие предуслови? 

– Лично гледам голем потенцијал во Северна Македонија. Има повеќе различни појдовни основи во дигиталното општество што се веќе достапни, како и паметна млада генерација која би сакала да ги има добрите услуги што ги искусиле низ светот. Ова е одлична почетна точка за да се постават овие основи на вистинските места и да се создаде нешто ново што меѓусебно би ги поврзало. Пример за ова се дигиталната лична карта и дигиталниот потпис кои би им овозможиле на сопствениците и корисниците на различни системи да постигнат многу повеќе. Идејата за дигитална лична карта не е нешто ново во Северна Македонија, но дефинитино бара повеќе внимание и разбирање кај оние кои ги донесуваат одлуките во однос на нејзината поширока примена. Доколку е достапна соодветна дигитална лична карта тогаш би било полесно да се направат следните чекори.

Во Северна Македонија претстојат локални избори. Кои се предностите од електронскиот систем на гласање (е-избори) кој Естонците го применуваат од 2005 година (можност да гласаат преку интернет, со помош на електронска лична карта)?

– Најголемата придобивка од е-изборите е тоа што младите генерации – нашата иднина – учествуваат во гласањето. Доколку дигиталното гласање е едноставно и може да се изврши преку вашите секојдневни алатки – компјутер или паметен телефон – младите луѓе ќе го искажат нивното мислење околу состојбите во земјата.

Виолета Геров, МИА