Не е само да се добие работа, некој треба и да ја сработи. Но ние немаме ни квалификуван и обучен кадар, ни работници со желба да учат, се жали Маријана Перковска од Текстилниот кластер.

Текстилните компании што опстанаа и покрај короната и ценовниот шок на струјата имаат многу нарачки и работат со полн капацитет. Ова е добра вест за индустријата што учествува со 12,45 отсто во вкупното индустриско производство на земјата. Но, лошата е што тешко се доаѓа до работна сила, односно работа има, ама доволно работници нема.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, кој е и сопственик на светиниколската „Мода“ вели дека капацитетот им е максимално искористен.

– Сите текстилни компании имаат работа. Нашиот капацитет е искористен 100 проценти. Покрај редовно вработените земаме и работници од агенциите за привремени вработувања, затоа што имаме многу нарачки. Како што е познато, текстилната индустрија речиси целосно работи лон-производство, што значи дека добиваме суровини и шиеме за познати компании од странство. Засега има добра продажба, нашите партнери одлично продаваат. По стивнувањето на короната, стигнуваат големи нарачки – изјави за „Слободен печат“, Димитров.

Тој објаснува дека и многу нивни партнери го преселиле кај нас производството од Далечниот Исток.

– Со трошоците за енергенсите и претходно со прекините во синџирите на снабдување, дестинацијата на Далечниот Исток, која беше многу атрактивна во минатото за текстилните компании, го губи своето значење и тие го селат своето производство во поблиски земји, така и ние добиваме повеќе нарачки – вели Димитров.

Претседателката на текстилниот кластер Маријана Перковска вели дека бадијала има интерес од странските партнери, кога кај нас нема доволно работна сила.

– Не е само да се добие работа, некој треба и да ја сработи. Но ние немаме ни квалификуван и обучен кадар, ни работници со желба да учат. Работната дисциплина е на минимално ниво. Нарушени се вредностите, веќе производството не е предизвик – вели Перковска за „Слободен печат“.

Таа објаснува дека сега и странските партнери плаќаат повеќе.

– Во ковид-кризата велев дека е најважно само да се преживее и дека потоа ќе дојде време и странските компании да прифаќаат повисоки цени. Ете и тоа се случи. Но, нема државна стратегија за развој и поддршка на текстилната индустрија – вели Перковска.

Таа потсетува дека целиот свет има проблеми со работна сила и дека владите се ангажираат да најдат работници.

– Еве сега читаме за олеснувањата што ги прават Германците за да обезбедат работна сила. Албанија, пак, особено ја развива текстилната индустрија, таму многу се инвестира и се носат работници од Малезија – вели Перковска.

Заклучно со ноември минатата година (за кога има последни податоци од Државниот завод за статистика) производството на текстил се зголемило за 2,1 проценти во однос на 2021 година, заклучно со ноември, а растот на производството на облека е 5,8 проценти.