Компанијата Тесла, во сопственост на милијардерот и иноватор Илон Маск, купи биткоини во вредност од 1,5 милијарди долари, пренесува Си-ен-би-си, повикувајќи се на известувањето што Тесла го достави до СЕЦ, американската Комисија за хартии од вредност.

Компанијата, според известувањето испратено до СЕЦ, купила биткоини за „со поголема флексибилност да го диверзифицира и максимизира профитот“. Со купувањето на биткоини, Тесла објави дека ќе започне да прифаќа биткоини како платежно средство за своите производи. Со ова компанијата на Маск е првиот производител на автомобили што прима биткони.

Компанијата на Маск Тесла е најпозната по производството на висококвалитетни електрични автомобили.

Си-ен-би-си пишува дека овој потег на Тесла привлече големо внимание на пазарот поради однесувањето на сопственикот на Тесла, Илон Маск на Твитер во последните неколку дена. Имено, на твитовите на Маск им се припишува порастот на цената на крипто-валутите како што се биткоин и догекоин, со оглед на тоа што милијардерот објавувал позитивни пораки за нив и индиректно ја поттикнал јавноста да ги купува и така им ја зголемил цената.

Вредноста на биткоинот нагло скокнала по објавата на Тесла, достигнувајќи цена од 43.200 долари.

Тесла во известувањето испратено до СЕЦ ги предупредил своите инвеститори на нестабилноста на цената на биткоинот, наведе Си-ен-би-си.