Акциите на „Тесла“ паднаа за 14,5 отсто по објавувањето на кварталните резултати, со што за еден трговски ден беа избришани околу 214,5 милијарди долари од пазарната капитализација на компанијата.
Акцијата го заврши тргувањето во четвртокот на 319,69 долари, што претставува најголема еднодневна загуба на берзанската вредност во историјата на производителот на електрични автомобили. Важно е дека не станува збор за директна загуба на готовина од сметките на компанијата, туку за намалување на вкупната вредност на нејзините акции на берзата.
„Тесла“ во вториот квартал остварила приходи од 28,24 милијарди долари, што е раст од 26 отсто во споредба со истиот период минатата година. Нето-добивката изнесувала 1,13 милијарди долари, наспроти 1,19 милијарди долари една година претходно, додека разводнетата добивка по акција се намалила од 0,33 на 0,32 долари.
Иако приходите биле повисоки од очекувањата на аналитичарите, приспособената добивка по акција изнесувала 0,33 долари, значително под очекуваните 0,50 долари. Инвеститорите реагираа и на негативниот слободен паричен тек од 1,09 милијарди долари и на најавата за нагло зголемување на капиталните расходи.
Компанијата планира во 2026 година да потроши повеќе од 25 милијарди долари за развој на вештачка интелигенција, роботика, компјутерска инфраструктура, дата-центри и проширување на производствените капацитети. Во првите шест месеци капиталните расходи достигнале 8,28 милијарди долари, повеќе од двојно во однос на истиот период од 2025 година.
Притисокот врз акциите доаѓа и покрај силниот раст на испораките. Во вториот квартал „Тесла“ испорачала 480.126 возила и распоредила системи за складирање енергија со капацитет од 13,5 гигават-часови.
Пазарот, сепак, бара поконкретни рокови и докази дека вложувањата во роботаксито, автономното возење и хуманоидниот робот „Оптимус“ ќе почнат да создаваат приходи што ќе ги оправдаат високите трошоци и берзанската процена на компанијата.