Најголема финансиска инекција преку буџетот во следната година ќе добие здравството. Второ е министерството за одбрана со цел да се достигнат стандардите на НАТО, а трета по големина ставка е во министерството за внатрешни работи за купување опрема. Зголемувањето на трошоците за стоки и услуги за 2019-та и тоа за 33 милиони евра повеќе од годинава не се за луксузирање, вели министерот за финансии Драган Тевдовски, кој уверува дека проекцијата е реална.

Ставка околу возилата, треба јасно да знаете дека не станува збор за комфор или возила за функционери, туку главно станува збор за набавка на возила во здравството, практично возила за брза помош нешто што треба. Исто така во судството, судството во различни судови побара и возила исто така и инспекторатите, за да можат да ги обавуваат своите услуги. Исто така, вчера доста беше коментиран мебел, треба јасно да биде дека мебелот не е за кабинети, туку во најголем дел ако ги погледнете ставките ќе видите дека се наоѓа во министерството за образование и наука, и се однесува за мебел на ученички и студентски домови, за училишта, факултети и слично“, рече Тевдовски.

Од државната каса идната година ќе се издвојат пари само за редовните претседателски избори кои се очекуваат, вели Тевдовски, избегнувајќи ги коментарите и за можни предвремени парламентарни избори. Буџетот за идната година ќе тежи 3,7 милијарди евра. Историски е најголем досега во земјава. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го оценува како мелагомански и бара власта да се вразуми и да ги редуцира проекциите и трошоците.

Овој буџет ниту може да го издржи нашата економија, ниту пак СДСМ има план и знаење како да ја крене економијата со овој мегаломански буџет. Повеќе од јасно е дека парите ќе завршат во нечии џебови, кај фирмите на Заев, Анѓушев и блиските до СДСМ“, вели Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак, уверуваат дека буџетот ќе придонесе за забрзување на економскиот раст и подобра живејачка на граѓаните. Буџетот наскоро ќе се најде и пред пратениците. Власта ја повикува опозицијата на констуктивна дебата пред усвојувањето. Како следната година ќе се трошат парите од државната каса, граѓаните може да видат и на страницата budget.finance.gov.mk преку интерактивна алатка, која ја изработија десет млади иноватори во соработка со Министерството за финансии.