„Тиквешки лозароовоштари” бараат винариите да кажат колку и какво грозје планираат да откупат и со која шеќерност. Претседателот на регионалното здружение, Дане Јошев денеска информираше дека испратиле писмо до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Министерството со неколку барања.

– Бараме заедничка средба со министерот за земјоделство и да ги повика винариите, откупувачи на винско грозје, пред празникот Свети Трифун, да кажат колку количина планираат да откупат по сорти, со која шеќерност и цена по килограм, за реколта 2023 година. Веднаш да се донесе закон со кој ќе се гарантира минималната откупна цена на грозјето и тоа по шеќерни единици, за ,,вранец” 18 шеќерни единици цена 20 ден за килограм, а за ,,смедеревка”, 16 шеќерни единици, цена од 18 ден за килограм, соопшти Јошев.

Тој нагласи дека бараат обесштетување за пролетното измрзнување на лозовите и овошните насади, кога беа зафатени реоните на Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, а беше прогласена елементарна непогода од мраз во 2021 година.

– Бараме обесштетување од државата по донесената одлука од општините Кавадарци и Неготино, за елементарна непогода од суша 2021 година, на сите лозари и овоштари за претрпената штета од невремето, кога Водостопанство „Тиквеш“ не можеше да им обезбеди вода за наводнување. Обесштетување од државата за штетата предизвикана од невремето со град, што ги оштети лозовите и овошните насади во реоните Неготино и село Сопот. Исплата на редовните субвенции од хектар за оддржување на лозовите и овошните насади, да се исплатат пред празникот Св. Трифун со можност за нивно покачување, затоа што цената на сите заштитни средства и ѓубрива е значително покачена, тие да се исплаќаат календарски пред сезоната за сите култури, е напишано во барањата.

Со писмото до министерот и Министерството, се бара итно исплаќање на средствата наменети за регистриран млад земјоделец, плус 20 отсто од редовните субвенции за 2021 и 2022 година.

– Кога имавме состанок во месец април 2022 година во општината Кавадарци, со присуство на министерот за земјоделство, претставници на здруженијата и градоначалниците од тиквешијата, беше ветено, дека за 15 дена од тогаш ќе заврши постапката од Апелација и дека државата ќе ја преземе винаријата „Повардарие“ која е во стечај, за да се направи дестилерија и дека ќе нема вишок на грозје, дека ќе биде откупено во целост. Но, до денес не излезе ништо од тоа, реколта 2022 година останаа над 10 милиони килограми грозје во тиквешијата неоткупено кое скапува по нивите, а ништо не беше преземено, лозарите од тиквешијата останаа без приход и мораа да земаат кредити за да ги покријат трошоците за заштитни средства и водниот надоместок, реагираа од Здружението.

Оттаму додадоа дека им било соопштено дека ќе има историско покачување со 30 отсто на цените за грозје продадено во винарија од ланската реколта, но и тоа не се случило. Лозарите барале обесштетување за продаденото грозје по пониска цена од договорената.

– Бараме да се пуштат парични средства на Водостопанство „Тиквеш“ со кои би ги поправиле расипаните пумпни станици, да се направи каналската линија од 850 метри К1–Ваташа, што не е во функција пет години, да се донесе каналска мрежа во сушните реони во месноста Овчка Река, Смилица и месноста Брушани, бидејќи има готов проект од 2016 година. Бараме законот за осигурување на земјоделските култури да остане по старо на доброволна база, затоа што има култури што немаат наводнување и на лоша година немаат приход, од причина што никој не би го осигурал лозјето со исушено грозје. Исто така, осигурувањето да не биде обврзувачки поврзано со редовните субвенции, е наведено во барањата.

Се бара одложување на донесениот закон за исплаќање на редовните субвенции само на оние што грозјето го даваат во винарија, да продолжат да се исплаќаат на сите земјоделци што одгледуваат лозови насади, без разлика дали родот го даваат во винарија или не.

– Бидејќи откупот е ограничен и винариите не можат да го соберат целото грозје. Доколку одредени лозари не склучат обврзувачки договор со винарија пред Свети Трифун, државата да ги обесштети со реален износ на парични средства, а лозарите да ги искројат лозјата на резник без родност. Бараме исплаќање на ветените плус два денара по килограм грозје за сите вински сорти и продадено во гајба за извоз, до 30 април 2023 година, информираше Јошев.