Турската компанија Џагатај Кабло, која веќе извесно време оперира во рамките на ТИРЗ Скопје 1, ќе вложи 6 милиони евра во зголемување на своето производство преку изградба на нов објект од приближно 10.000 метри квадратни, што ќе резултира со нови 200 работни позиции, објавија денес од Дирекцијата за ТИРЗ.

Овој нов погон, кој ќе биде двојно поголем од актуелниот, освен што ќе генерира нови работни места, како што се наведува во соопштението, ќе имплементира и нови технологии, што е резултат на подобрениот пристап од страна на новата влада.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, денес во Истанбул ја посети компанијата и оствари средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Тој посочи дека оваа инвестиција, која беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата. Димовски истакна дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.

Од страна на раководството беше изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе придонесе за зголемување на вредноста во националната економија.

„По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло значи многу поголема доверба во владата и системот, кој според нив работи многу добро“, се подвлекува во соопштението од Дирекцијата за ТИРЗ.

Инаку, Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.