Пиперките наместо на пазар, завршуваат на депонија. Земјоделците се револтирани од ниските откупни цени, несигурниот пласман и од неоткупувањето на пониските класи, поради што се уништува родот. Граѓаните коментираат на социјалните мрежи дека е жално да заврши трудот на земјоделецот на отпад. „Колку труд и мака има“ и „гревота е ова што го правите“, се дел од реакциите на луѓе, кои сметаат дека храната треба да стигне до потрошувачите, а не на депонија или во нива. Суштината на проблемот, сепак, останува иста – кој ќе ја плати загубата за фрлените пиперки: земјоделецот, откупувачот, преработувачот или целиот систем?
Земјоделци, наместо да ги однесат на пазар или во откупните центри, ги фрлаат пиперките на депонија или ги оставаат да скапуваат на нивите. Сè почесто на социјалните мрежи може да се видат слики и видеа од земјоделци што го уништуваат целиот свој род, иако зад секој килограм пиперки стојат месеци труд, вложувања, работа и неизвесност. Но, тука не станува збор само за фрлените пиперки. Зад овие сцени стојат незадоволството, револтот и сè поголемата недоверба на земјоделците во системот на откуп и пласман на земјоделските производи. Се поставува и прашањето кој е одговорен кога ќе го произведе земјоделецот родот, ќе се задолжи за семиња, препарати, ѓубрива и работна сила, а на крајот ќе остане без сигурен купувач.
Проблемот е уште посериозен ако се има предвид дека во исто време земјоделските производи во маркетите се продаваат по значително повисоки цени, што за голем дел од граѓаните станува сè потешко достапно. Така се создава парадоксална ситуација: земјоделецот не може да го продаде својот производ по цена што ќе му ги покрие трошоците, додека потрошувачот го плаќа истиот производ многу поскапо. Со тоа се губи и една важна традиција – подготовката на домашна зимница, ајвар, лутеница и малиџано. Некогаш ова беше дел од секојдневието на голем број семејства, а денес, поради сè поскапиот зеленчук и намалената куповна моќ, за многумина станува луксуз.
Земјоделците се револтирани од ниските откупни цени, несигурниот пласман и, како што велат, уценувачкиот однос од страна на дел од откупувачите. Според нив, откупната цена на пиперката се спуштила на 15 денари за килограм, иако претходно била договорена цена од 40 денари за килограм, а производствената цена изнесува околу 26 денари за килограм. Тоа значи дека со моменталната откупна цена земјоделецот не ги покрива ниту основните трошоци за производство: наводнување, обработка на земјиштето и работна сила.
– Ситуацијата е многу тешка, не знаеме што да правиме. Ако ја оставиме пиперката на нива, таа ќе презрее и ќе скапе, а ако ја однесеме кај откупувачите или на пазар, добиваме цена која е смешна и со која не може да си ги вратиме вложените пари. Пиперките од втора и од трета класа не се откупуваат и затоа ги носиме на депонија или ги оставаме да скапуваат на нивите. Многу сме револтирани и ова што се случува сега е резултат на многу погрешни политики, кои не доведоа до дното – велат земјоделците.
Производителите бараат да се почитуваат договорените правила и цени, со цел да може барем да ги покријат вложувањата во производството и да не работат со загуба.
– Како може производствената цена да изнесува 26 денари, а пиперката да се откупува по 15 денари за килограм, и тоа за прва класа? Освен ниската цена, откупувачите не сакаат да ги откупуваат ниту пониските класи, кои остануваат да скапуваат по нивите. Откупот е стихиен и не е континуиран, поради што земјоделците се револтирани и ги газат пиперките со трактори. Земјоделците се очајни и велат дека не може да ги вратат ниту долговите за репроматеријали – ѓубрива, препарати за прскање, семиња – кон земјоделските аптеки, ниту, пак, да им платат на работниците за работната рака – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
За разлика од Македонија, во соседните земји црвената пиперка се откупува по цена од околу едно евро, односно 60 денари за килограм. Земјоделците велат дека дополнителен проблем претставува и нелојалната конкуренција на надворешните пазари, поради повисоките субвенции што се исплаќаат во земјите од регионот, меѓу кои Албанија, Србија, Грција и Бугарија.
Во коментарите на социјалните мрежи се појавуваат различни ставови. Едни велат дека земјоделците треба сами да бараат пазари и директни купувачи, други прашуваат каде се преработувачката индустрија и откупувачите, а трети ја насочуваат одговорноста кон институциите, кои треба да обезбедат услови за сигурен пласман.
Дел од граѓаните, пак, укажуваат дека не е логично да се уништува земјоделскиот производ додека истовремено во продавниците се продава по неколкукратно повисока цена. „Колку труд и мака има“ и „гревота е ова што го правите“, се дел од реакциите на луѓе, кои сметаат дека храната треба да стигне до потрошувачите, а не на депонија или во нива.
– Пиперката што завршува на депонија не е само отпад од еден неуспешен род. Таа е резултат на вложени средства, потрошена вода, човечки труд и на месеци работа. Затоа овие слики треба да бидат предупредување дека не завршува проблемот со земјоделското производство со тоа колку ќе се произведе, туку со тоа дали ќе има произведеното сигурен и фер пласман – стои во еден од коментарите.
Потребен е систем во кој земјоделецот однапред ќе знае што произведува, за кого произведува, по кои услови ќе го продава и дали ќе му овозможи цената да ги покрие трошоците и да продолжи да работи. Во спротивно, секоја следна сезона ризикува да заврши со истата слика: родот на нива, а сметката за загубата кај земјоделецот.
Едно од прашањата на социјалните мрежи е кој е виновен и зошто немаме систем во кој маката на земјоделецот нема да завршува како отпад.
На крајот, фрлената пиперка не е само фрлен производ. За оној што ја произвел, зад секој килограм стојат денови работа и вложени пари. А кога ќе стане таквата слика секојдневие, проблемот веќе не е само личен – станува прашање за целиот земјоделски и прехранбен систем.