Компаниите во ТИРЗ во април оствариле извоз од 300 милиони евра што е за 8% во однос на истиот месец лани и 21% повеќе во однос на април 2022 година. Редовната анализа на ТИРЗ покажува дека во првите четири месеци од годинава извозот од Зоните е над 1 милијарда и 120 милиони евра. Стабилен раст има и кај увозот кој во април е 270 милиони евра што е за 10% повисоко од април 2023, односно за 9% повисоко споредено со четвртиот месец во 2022 година. Заклучно со април вкупно увозот достигна над 1 милијарда евра. Поради ваквите економски движења има и позитивен сооднос на увозот и извоз од почеток на годината.

Исто така продолжува и трендот на пораст на работните места кој во моментов е близу 18.100. Ова е за 8% повеќе споредено со април минатата година, а 25% повеќе споредено со четвртиот месец во 2022 година. Во последниве седум години само во ТИРЗ се креирани близу 12.000 нови работни места споредено со речиси 6.300 до 2016 година. Просечната бруто-плата заклучно со март надмина 1100 евра.

Овој тренд на економски движења во зоните е особено позитивен ако се земат в предвид негативните трендови во европската економија кои се главни извозни дестинации, како и тоа дека една од компаниите поминува низ процес на реструктурирање на сопственоста, што влијае врз бројките на извоз и увоз, но и покрај тоа е регистриран раст. Се очекува дека по успешното завршување на овој процес, компанијата ќе продолжи да придонесува како и во изминатиот период.

Позитивниот тренд на раст се очекува да продолжи и во следниот период поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Само во последниве три години во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 1 милијарда евра кои креираат над 10.000 нови работни места, од кои дел веќе се реализираат.