Во време на глобални надолни поместувања во скоро секое поле од националните економии и предизвиците со кои сè уште се соочува реалниот сектор, од круцијално значење беше да се има здрава компаниска основа, како и делување во сектори кои може да бидат катализатори на иден глобален раст. Во Струмица изгледа на време неколку компании ги увиделе потенцијалите и соодветно одговориле на предизвиците, притоа исплаќајќи плати за вработените кои се 2 или 3 пати поголеми од просекот на државата. Но пред да стигнеме до нив, со помош на податоците од БизнисМрежа.мк, порталот Пари ги анализира клучните финансиски показатели на ТОП 10 компании што исплаќаат највисоки плати во Струмица.

Далеку напред пред своите конкуренти се две компании: Жикол и Металопромет. Овие две компании имаат најголем остварен приход за изминатата година, со тоа што градежната компанија Жикол има вкупни приходи од дејноста во износ од над 20 милиони ЕУР, иако притоа таквиот резултат е за 11.1% полош во споредба со 2019 година. Ваквите флуктуации може да бидат последица на долгите проекти кои ги работи компанијата(изградба на згради и патишта) каде во основа приходите се генерираат при завршување на проектот. Од друга страна, приходите на Металопромет пораснале за 7%, при што достигнато е ниво од 14.4 милиони ЕУР. Најпозитивен пример во ова елитно друштво има компанијата Сим Инженеринг со пораст на приходи од скоро 70% , а исто така оваа компанија го има и најголемиот апсолутен пораст на приходи од над 4 милиони ЕУР. Сим Инженеринг заедно со Жикол се градежните џинови од Струмица и заедно го носат најголемиот дел од приходите на овие 10 компании. Тука мора да се напомене дека покрај Жикол, има уште две компании кои евидентирале пад на приходи, а тоа се Макс и Жан Митрев Дијагностик. Од аспект на вкупни приходи на топ 10 компаниите се истакнува фактот што оваа група генерирала пораст од над 4 милиони ЕУР за време на светска пандемија.

Од аспект пак на остварената добивка бројките и не се така импресивни. Единствено две компании оствариле добивки над 1 милион ЕУР (Жикол и Сим Инженеринг), додека кај останатите компании бројките се поскромни. Во оваа група 2 компании кои евидентирале понизок финансиски резултат во споредба со 2019 година. Тука се вбројуваат Огражден АД со пад на добивка од 27% и Макс со 22% полош резултат. Повеќе од трикратно зголемување, или пораст од 364%, кај вкупна добивка остварила компанијата Портланд-ОПЦ.

На крај мора да им се честита на две компании кои навистина успеале да разработат бизнис модел каде вработените ќе бидат движечка сила, а за истото адекватно ќе бидат компензирани. Компанијата за изработка на софтвер Гигавоис, која има и свое претставништво и во Скопје, има просечна нето плата од 94.653 денари, што претставува еден од насветлите примери во досегашните анализи по одделни градови. Зад неа, со “поскромни” но сепак на високо ниво плати за вработени е Жан Митрев Дијагностик со просечна плата од 51. 774 денари. Останатите компании се далеку позади, но сепак и кај нив просечната плата не е помала од 26.000 денари. За овие две компании мора да се напомене дека вработуваат релативно мал број на луѓе и не се од масовен карактер.

Целата анализа е достапна тука: Развој на софтвер и лабараториска дијагностика и носат на Струмица до три пати поголема плата од просечната