Цирих и Париз ги заменија Сингапур и Осака на списокот на најскапи градови за живеење бидејќи глобалната економска несигурност како резултат на пандемијата на короновирус резултираше во зајакнување на еврото и швајцарскиот франк. Според последниот извештај „Индекс на трошоци за живот во светот“ објавен од Economist Intelligence Unit (EIU), пандемијата влијаеше на промените на цените на стоките и услугите во 130 градови низ светот, заклучно со октомври оваа година. Како основен репер за споредба, EUI ги зеде трошоците за живот во Њујорк.

Хонг Конг ги дели првите три места со Цирих и Париз, а Сингапур, кој сега е на 4-то место, може да го должи падот на поевтините трошоци за живот поради значителниот одлив на странски работници. Имено, популацијата на Сингапур падна оваа година, што не е забележано од 2003 година.

„Пандемијата на вирусот КОВИД-19 предизвика слабеење на американскиот долар со зајакнување на западноевропските и азиските валути, зголемувајќи ги цените на стоките и услугите“, рече Упасана Дут, директор на истражување на трошоците за животот на ЕИУ.

Како што објасни таа, азиските градови доминираат на врвот на листата на најскапи во последните неколку години, но пандемијата го смени тоа оваа година.

Јапонска Осака годинава го дели 5-то место со Тел Авив. Во извештајот се наведува дека цените стагнираат во Осака, а јапонската влада исто така започна да субвенционира дел од трошоците за живот, како што е јавниот превоз. Европа има уште двајца претставници меѓу 10-те најскапи градови, Женева на 7-то место, која ја дели со Њујорк и Копенхаген на 9-то место. На крајот е Лос Анџелес.

Во извештајот се вели дека цените на повеќето стоки и услуги останаа приближно на истите нивоа во последниве години, но одредени групи беа особено силно погодени од светската здравствена криза. Ова е особено точно за цените на облеката, кои нагло паднаа поради намалената побарувачка. Од друга страна, цените на храната и водата во повеќето од набудуваните градови забележаа многу мали осцилации.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк