Топлотните бранови би можеле да ја чинат грчката економија околу 13 милијарди евра до 2030 година, според студијата на „Алијанц Трејд“. Компанијата посочува дека падот на економскиот раст во тој период во Грција ќе достигне до 4,1 процент, додека зголемувањето на температурата ќе има негативно влијание врз продуктивноста на работниците, трошоците за енергија и инвестициите, објавува „Портал Катимерини“.
„Екстремната топлина повеќе не е краткорочен временски феномен, туку структурен економски шок. Европа е најизложена“, се наведува во извештајот на „Алијанц Трејд“.
Бидејќи длабоките ефекти од глобалното затоплување станаа поизразени во последниве години, климатските промени станаа доминантен проблем на економската и индустриската политика, а не само во доменот на екологијата. Ова е особено точно за Европа, каде што температурите растат двојно побрзо од глобалниот просек.
Се предвидува дека просечните глобални температури ќе достигнат близу рекордни нивоа во текот на следните пет години, според годишниот извештај на Светската метеоролошка организација на ООН и Метеоролошката служба на Обединетото Кралство.
Според пресметките на „Алијанц“, кумулативните загуби на БДП би можеле да достигнат 5-7 проценти за најизложените економии: 206 милијарди евра за Франција, 126 милијарди евра за Италија, 113 милијарди евра за Германија и 103 милијарди евра за Шпанија.