toyotaЈапонската Toyota се уште е највреден глобален бренд во автомобилскиот сектор, додека германскиот Volkswagen (VW) испадна од листата на топ 10 по скандалот со мамење на тестовите на издувни гасови.

Тоа го покажува годишниот извештај на компанијата Millward Brown, која врз основа на интервјуа со потрошувачите и анализа на финансиските и бизнис индикатори составува листа веќе 11 години.

Според истражувањето, вредноста на Toyota минатата година се зголемила за 2 проценти на 29,5 милијарди долари, додека вредноста на VW падна на 9.3 милијарди долари.

VW изгуби повеќе од половина од нивната вредност во изминатата година, бидејќи компанијата е снажно потресена откако беше откриено дека во нивните возила со дизел мотори вградувала софтвер за мамење на тестовите за издувни гасови.

Инаку, на новата листа не се промени поредокот на првите седум автомобилски брендови. Значи зад Toyota следи BMW, Mercedes-Benz, Honda, Ford, Nissan и Audi.

А по испаѓањето на VW од топ 10 автомобилски брендови, на осмото место е Land Rover па следат Porsche и Tesla.

Вкупната вредност на топ 10 автомобилски брендови минатата година падна за 3 проценти на околу 140 милијарди долари.

Инаку, Toyota на листата на највредни брендови во светот е само на 28-мото место. Водечки е Google, со вредност од 229 милијарди долари, што е 32 проценти повеќе од претходната година, по што следи Apple со вредност од 228,5 милијарди долари.