Во тек е јавниот повик од ИПАРД 3 програмата-мерка 1, со која земјоделците ќе имаат можност да добијат финансиски помош до 75 проценти за набавка на основни средства како и земјоделска механизација

По контролите на маржите на основните прехранбени продукти, земјоделците бараат од надлежните да вршат контрола и на земјоделската механизација, бидејќи како што велат тие, пред секој повик од ИПАРД програмите, цените на овие машини преку ноќ растат, објави МРТ. Исто така бараат и нов модел за олеснето плаќање. Тие предлагаат државата да ги уплати субвенциите што им ги доделува, а земјоделците да го доплатат остатокот, со што нема да мораат од банка да подигнат кредит за цел износ, за кој ќе плаќаат голема камата.

Земјоделците велат секоја помош е добредојдена, но средствата не можат да ги искористат во целост, бидејќи дел од средствата им одат за камата на кредитите.
Инаку, во тек е јавниот повик од ИПАРД програмата-мерка еден, со која земјоделците ќе имаат можност да добијат финансиска помош до 75 проценти за набавка на основни средства, како и земјоделска механизација. Целта на повикот е да се зголеми конкурентноста на македонското земјоделство, со цел да се постигнат стандардите на Европската Унија.

Земјоделците имаат можност да инвестираат во материјали за основни средства за земјоделски стопанства, да набават трактори и помошна механизација, како и опрема за добивање енергија од обновливи извори за сопствено производство.

Веќе одамна се зборува дека механизацијата што се користи во земјоделскиот сектор датира уште поранешната ЈУ. Се проценува дека во Македонија има околу 50.000 трактори и 3.000 комбајни, но огромен процент од нив немаат документација за сопственост бидејќи се купени во времето на поранешна Југославија, а некои се добиени во наследство. При тоа, со таква механизација, при собирањето на приносите, речиси 20 отсто се растураат при жетвата, односно нема квалитетна обработка на почвата.