Претседателот на САД, Доналд Трамп потпиша наредба со која се забранува Американците да вложуваат во кинески компании за кои администрацијата вели дека се во сопственост или под контрола на кинеската војска.

Наредбата се однесува на 31 кинеска компанија за кои се вели дека „овозможуваат развој и модернизација на кинеската војска” и „директно ја загрозуваат американската безбедност”, пренесува Си-Ен-Ен.

Производителите на паметни телефони „Хуавеј” и „Хикивижон”, еден од најголемите светски производители и снабдувачи на опрема за видео надзор, се наоѓаат на црната листа.

Некои други компании, вклучувајќи ги „Чајна телеком” и „Чајна мобајл”, тргуваат на берзата во Њујорк.

Наредбата на Трамп исто така забранува американски инвеститори да поседуваат или тргуваат со какви било хартии од вредност кои потекнуват или се изложени на тие фирми. Ова вклучува пензиски фондови или сопственици на акции во „забранети” компании. Инвеститорите ќе имаат рок до ноември 2021 година да го продадат својот удел во овие компании.

Уредбата, која треба да стапи на сила на 11 јануари, доаѓа во моментот кога се вжештуваат трговско-технолошките битки меѓу двете најголеми економии во светот.