Американскиот претседател Доналд Трамп побара федералната влада да ја задржи контролата врз индустријата на таканаречените „пазари за предвидување“, вредна милијарди долари, предупредувајќи дека сојузните држави не треба да воведуваат сопствени ограничувања.
Трамп на социјалните мрежи порача дека Комисијата за тргување со стоковни фјучерси (CFTC) треба да има „исклучива надлежност“ над овие пазари, кои овозможуваат обложување на исходи од различни настани.
Станува збор за платформи како Kalshi и Polymarket, каде што корисниците се обложуваат на политички, економски и други случувања, а компаниите тврдат дека не се работи за коцкање, туку за тргување со деривати.
Трамп изјави дека лично „никогаш не бил премногу наклонет“ кон ваквите пазари, но неговото семејство веќе има деловни врски со индустријата. Неговата медиумска компанија минатата година лансирала производ поврзан со пазарите за предвидување, а неговиот син Доналд Трамп Џуниор, според американските медиуми, има врски со две водечки компании во секторот.
Во меѓувреме, повеќе американски држави почнаа да воведуваат рестрикции. Минесота неодамна стана првата сојузна држава што целосно ги забрани овие пазари, оценувајќи дека создаваат зависност и ги погодуваат младите и луѓето со ниски приходи.
Главниот обвинител на Минесота, Кит Елисон, изјави дека ваквите платформи „им помагаат на супербогатите да станат уште побогати, а останатите да осиромашат“.
Само ден по усвојувањето на законот во Минесота, федералната комисија CFTC поднесе тужба со цел да го укине.
Трамп остро ги нападна демократските политичари кои поддржуваат ограничувања, порачувајќи дека САД не смеат да дозволат „други земји да ја преземат предноста во овој нов финансиски сектор“.
Според CNBC, неделниот обем на тргување на платформата Kalshi пораснал од 100 милиони долари минатата година на повеќе од 3 милијарди долари денес. објави Скопје1.мк