Претседателот на САД, Доналд Трамп, во интервју за Си-ен-би-ес изјави дека е подготвен да влезе во пожестока трговска војна со Кина и да воведе царини на увоз од земјата во износ од 500 милијарди долари, пренесе „Ројтерс“.

Ланскиот увоз на Кина во САД изнесуваше 505 милијарди долари, а американскиот надворешно-трговски дефицит со Кина на крајот на минатата година изнесуваше 376 милијарди.

Таквиот тренд продолжи и годинава со оглед на тоа што во првите пет месеци кинескиот извоз во САД изнесуваше 205 милијарди долари, а во спротивната насока замина стока вредна 53 милијарди долари.

На почетокот на месецот САД воведоа царина на кинеска стока во вредност од 34 милијарди долари, а Кина истиот ден воведе реципрочна мерка. Минатата недела американското Министерство за трговија состави список на кинески производи во вредност од 200 милијарди долари, на кои царината од 10 проценти би требало да почне да се наплаќа од септември.

На прашањето дали размислува што ќе се случи ако поради наметнувањето царина на стока од голема вредност дојде до пад на вредноста на акциите на светските берзи, Трамп одговори: „Ако се случи, ќе се случи. Јас тоа не го правам поради политиката“.