Транспортерите од земјава денес во 12 часот ја блокираа една од најпрометните крстосници во Скопје, пред седиштето на Делегацијата на Европската унија, во знак на протест поради третманот што го имаат во земјите на Шенген зоната. Денешната блокада е предупредување дека доколку не се најде итно решение за ограничувањето што го имаат при престојот во земјите од Шенген зоната, кое е идентично какои за обичните граѓани, односно во рамките на 180 дена да можат да престојуваат 90 дена, ќе ги радикализираат мерки. Денешниот протест е синхронизиран со транспортерите во неколку земји од регионот (Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора), каде што исто така се одржуваат идентични протести.

Пред Делегацијата на ЕУ во Скопје се паркирани дваесетина камиони, кои таму ќе останат до 14 часот, според претходната најава од асоцијацијата „Макам-транс“.

Од „Макам – транс“ претходно реагираа дека незадоволствот кај транспортерите е поради тоа што веќе седум месеци сè уште не е надминат проблемот со престојот.

„Бидејќи септември е почеток на работите сакаме да испратиме јасна порака да се направи нешто. На 1 септември се очекува да има средба на претставници на сите земји од Шенген-зоната, на која бараме на дневен ред да биде и нашето прашање“, изјави генералната секретарка на „Макам-транс“, Биљана Муратовска.

Како што посочија од „Макм-транс“, околу половина од возачите во моментов одбиваат да возат поради страв од санкции и различно толкување на правилата на граничните премини.

Министерство за транспорт: Правиме сѐ што е во наша моќ да им помогнеме на транспортерите

Министерството за транспорт денеска соопшти дека има целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските транспортери и активно и во континуитет се работи на изнаоѓање конкретни решенија за надминување на проблемот со земјите од Шенген зоната.

– Во рамките на можностите со кои што раполага Министерството, се работи на склучување билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната, бидејќи сметаме дека ова е најсоодветно решение, Македонија самостојно да го реши проблемот на транспортерите. Потенцираме дека такви договори веќе се склучија со Швајцарија, Хрватска и Романија. Интензивно работиме со Владите на Австрија, на Германија и во месец септември се очекува да се одржи средба на високо ниво со владата на Австрија, а во октомври и со Словенија со цел да се постигнат билатерални договори и со овие земји за издавање долгорочни визи за македонските транспортери, наведуваат од Министерството.

Бидејќи се работи за правила во Шенген зоната, се потенцира во соопштението, тоа што Владата преку Министерството за транспорт може да го направи и тоа што има на располагање е да потпише билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната за издавање долгорочни визи.

– Идејата е генерално да се покријат рутите каде што традиционално македонските транспортери работат. Тоа ги подразбира земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери и токму со овие земји Владата и Министерството работат на билатералните договори за долгорочни визи. Потенцираме дека Македонија самостојно треба да го решава проблемот и единствен начин во овој момент е преку билетерални договори со земјите од Шенген зоната. Транспортната дејност е двигател на македонската економија и од тие причини сметаме дека дејноста не треба да запре да работи, напротив Владата и Министерството за транспорт продолжуваат активно со работа за изнаоѓање дополнителни решенија, посочуваат од Министерството за транспорт.