Трговци со храна и горива најавија дека нема да продаваат леб и горива поради владината мерка за укината или намалена маржа. Дел од нив веќе размислуваат како да ги изиграат мерките за да обезбедат опстанок. Граѓани алармираат дека некои трговци ја ограничиле продажбата на одделни производи, а на одделни бензински пумпи нема гориво.

Тие се жалат дека цените поради намалениот ДДВ веќе се намалуваат, но се повторно високи бидејќи деновиве трговците ги зголемија цените на производите за неколку проценти. Од Организацијата на потрошувачи каде што деновиве се зголемиле поплаките на граѓаните за однесувањето на трговците, велат дека за одделните случаи треба да се алармира инспекторатот. И владата најави зголемени контроли на пазарните инспектори.

Со стапување на сила на мерките за 0 отсто или намален ДДВ и намалена маржа, граѓаните денеска велат дека иако плаќаат пониски сметки поради тоа што ДДВ е намален, сепак цените на основните прехранбени производи освен лебот, се повисоки бидејќи во изминатиот период тие пораснаа.

– Стасавме до тоа дереџе што за да купиш поевтино треба да прошеташ повеќе супермаркети или продавници, а ако сакаш да купиш 3 исти производи нема да можеш бидејќи трговците одлучиле да ти продадат само две пакувања од ист производ.

Не верував во тоа додека не отидов во еден од супермаркетите да земам 3 шишиња зејтин. Инаку, сѐ е поскапено и покрај тоа што како што рекоа, не се плаќа ДДВ за одделни производи, а за други има помала маржа.

Еве, на пример, табла јајца беше 172, а сега е 225 денари, значи 40 денари повеќе. Говедското месо во некои продавници поскапе 80 денари, а во други 100 денари. Рибата која деновиве, поради постот, се троши повеќе има повисока цена за 10 до 15 денари. Брашното зависно од маркетот има повисока цена за 10 денари, а и зејтинот е поскап од 5 до 10 денари. Значи сѐ поскапе пред мерките, само платата остана иста – вели Никола А. од Ѓорче Петров.