Трговскиот дефицит на Северна Македонија во првите пет месеци од годинава се зголемил на 88,5 милијарди денари, односно околу 1,4 милијарди евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во истиот период минатата година дефицитот изнесувал 82,9 милијарди денари, што укажува на продлабочување на трговскиот јаз.

Според податоците на Макстат, извозот во периодот јануари–мај пораснал за 5,7 проценти на годишно ниво и достигнал 218 милијарди денари. Истовремено, увозот забележал раст од 5,9 проценти и изнесувал 306,5 милијарди денари.

Во структурата на извозот најзастапени биле катализаторите со благородни метали или соединенија од благородни метали, како и сетови за палење и друга електрична инсталација што се користи во возила, авиони или бродови.

Кај увозот доминирале платина и легури на платина, други метали од платинската група и нивни легури, нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали, како и моторни возила за превоз на патници.

Најзначајни трговски партнери на Македонија во овој период биле Германија, Велика Британија и Кина.