Трифун Костовски, акционер во пропаднатата Еуростандард банка на својот фејсбук-профил ги повика членовите на здружението Оштетени штедачи да не бидат толку сурови кон него и неговото семејство. Веднаш реагираа и штедачите: Зошто плачеш Трифуне? Или плачеш за неможноста да продолжите со истите принципи на крадење на вашите сограѓани и фирми депоненти.

Вчера Оштетени штедачи реагираа на информацијата дека синот на Трифун, Коста Костовски ќе управува со нов приватен инвестициски фонд.

„Почитувани, ја разбирам вашата болка и трагедија, дека загубивте нешто што сте го печалеле цел живот. Ве молам да не бидете толку сурови во казнувањето на мене и мојето семејство. Вие изгубивте, ама јас и моето семејство загубивме најмногу. Покрај парите – и образот.

Наместо да бидеме од истата страна барајќи од институциите да се зафатат со овој организиран криминал, Вие барате жртви во мене и моето семејство. Мислам дека претеравте“, им порача Трифун Костовски на штедачите.

На ова реагираа од Оштетени штедачи. „Зошто плачеш Трифуне? Дали за нас депонентите кои ги изгубивме нашите лични средства во твојата банка, а кои ги украдовте заедно со твојот тим!? Или плачеш за неможноста да продолжите со истите принципи на крадење на вашите сограѓани и фирми депоненти. Или пак плачеш за нешто сосема трето.

Се прашуваш кој ги украл парите од банката. Повикуваш на организиран криминал.

Да, се случувал организиран криминал во твојата банка со години. Ти и твојата дружина во банката нѐ покрадовте. Да не го правевте тоа, немаше ни потреба Народна банка да ви прогледува низ прсти и да ве остави безобразно да крадете со години.

Каде завршиле парите? Добро знаеш Трифуне каде завршиле парите. Ако не знаеш во целост, консултирај се со твојот син Коста Костовски и директорот на банката Николче Петковски. Тие ќе ти ја надополнат сликата за тоа што навидум незнаеш или не си слушнал ниту видел а си одобрил.

Знаеш, Трифуне, знаеш.

Знаеш како што сите знаат за скапите пороци на твојот син, пороци кои сега штедачите ќе ги платат а богами и ти самиот. Само полесно е да бидеш постојано во улога на жртва, да бараш милост од јавноста а да бидеш осигуран со украдените пари однесени на некои банкарски сметки далеку од овде.

Наместо да плачеш и глумиш жртва, најди начин и врати ги парите на твоите сограѓани и фирми депоненти на кои им ги одзема истите. Ти и твојот тим. Или ќе чекаш судот да прогласи кривична казна од повеќе години за тебе и твојот тим, па да размислиш дали е вредно да се помине животот меѓу четири ѕида или да им се вратат парите на оние кои се покрадени, излажани и измамени. Како за тебе, тоа важи и за другите учесници во овој масовен грабеж.

Велиш покрај парите си го изгубил и образот, доцна е сега да размислуваш за образот, за ова требало да мислите кога делевте кредити на кого стигнете без никаква гаранција за истите, впрочем да не го правевте тоа со амин од НБРМ немаше сите ние, а и вие да бидете во оваа ситуација.

Одлуката е ваша, твоја и на твојот тим. Полесно за сите е да се вратат парите. Час поскоро. Барем да се намалат штетите према оние кои најмалку го заслужуваат тоа. Ти си на потег Трифуне!”, се вели во реакцијата на Оштетени штедачи.